Активирај се | Создадено од вас |

Сашко Коцев, актер: Едвај чекав да завршат часовите за да отидам во театар

feat-img

Еден од најпопуларните актери на македонската сцена и човекот кој секогаш знае публиката да ја насмее до солзи, Сашко Коцев, во интервју за „Медиум“ се навраќа на своите средношколски денови и зборува за почетоците на својата кариера. Сонувач, со немирен дух, и зависник од аплауз, кој од кога знае за себе е вљубен во театарот.

Медиум: Што во мометов е актуелно кај Сашко Коцев и што можеме да очекуваме во блиска иднина?
Сашко: Во моментов сум во исчекување на премиерата на новиот филм во српска продукција „Ќе бидеме светски прваци“, каде играм една мала епизодна улога. Исто така, овој месец почнува и снимањето во Србија на серијата на истото сценарио. А во театар подготвувам две претстави, очекувајте ги некаде околу средината на месец април. Има уште неколку филмови во најава, но тоа се само преговори, па не би можел да откријам ништо повеќе.

Медиум: Март е месец на театарот, сигурно имаш многу изведби на различни претстави. Тешко ли е истите ликови повеќе пати да се изведуваат одново? Како ги будиш истите емоции?
Сашко: Секогаш најголемиот проблем не е да се потсетиш на текстот, туку на атмосферата на претставата, на концептот кој го спроведувал режисерот за време на пробите и тоа што сакаме да кажеме со претставата која се игра вечерта. А понекогаш се шегуваме со колегите дека најважно е да го погодиш костимот од претставата која се игра вечерта, другото е лесно. (ха ха хах..).затоа што еве сега од 20-ти март до крајот на месецот имам претстави секој ден и тоа секој ден различна. Е тоа се најтешките моменти за актерот, секој ден различна претстава, и тоа една по друга.

Медиум: Си имал ли некоја тешка улога која ги била предизвик да ја совладаш и изведеш на сцена, или пак некоја омилена во која лично се препознаваш?
Сашко: Секако, секоја улога е тешка на свој начин и тешко се стигнува до успешен резултат. Е сега некои улоги се поблиску до мојата природа и моето однесување во приватниот живот, па тие се некако полесни и побргу ги совладувам. А некои треба многу време дури ја разберам нивната природа и нивниот живот. Главно е дека секогаш се трудам тоа да биде одработено до најситен детаљ и секогаш да се гордеам со претставата, а не да ја избегнувам.

Медиум: Каде црпиш инспирација за стендап и како се осмислува сценариото за ,,Златна бубамара”, дали е се однапред планирано или има и моменти на импровизација?
Сашко: Инспирацијата е насекаде, во муабетите кои се водат на маса со твоите другари, на многуте телевизиски програми, сопствениот бурен живот, сообраќајот по улиците, животните навики на еден човек, религијата итн. Сепак сето тоа е погледнато низ мојата призма и кажано со мои зборови. Сценариото и стендап парчињата преживуваат многу чешлања и преправања за време на подготовките заедно со тимот. Секако има и мала импровизација која е составен дел на стендап перформансот, но сепак тоа е само 10 отсто од целиот перформанс.

Медиум: Сашко веќе долго време си на театарската сцена, се сеќаваш ли кога прв пат застана на неа и какво било чувството тогаш?
Сашко: Па ако ги изоставиме приредбите на патронатите на основното училиште, тогаш, првата претстава ми беше во декември 1994 година во Домот на култура во Куманово. Се чувствував како да сум скокнал со салто во вода, не знаев каде е дното на базенот, а каде е површината на водата. Во главата матно, а нозете пресечени. Важно е дека испливав до првиот аплауз. Од тогаш сум зависник од аплаузите и воопшто не помислив да работам нешто друго.

Медиум: А што ќе беше Сашко ако не беше глумец?
Сашко: Ау, ова не сум го размислувал од петто одделение, кога и одлучив дека ќе бидам глумец. Ќе морам да се присетам. Мислам дека ќе бев лекар. Омилено нешто ми беше делот од биологија кој се вика анатомија. Да, дефинитовно лекар. Веројатно затоа се заљубив во докторка.

Медиум: Имаат ли младите навика да одат на театар и дали имаат театарска култура?
Сашко: За наша среќа многу и тоа ме радува. Имаме секаква публика, а младата публика ги гледа буквално сите претстави, додека повозрасната е малку поселективна . Додека бев студент, имам чувство дека не беше вака и се плашев дека нема кој да ги погледне нашите дела и тие нема да имаат долг век на гледаност, но со тек на годините тоа видно се измени.

Медиум: Каков беше Сашко како средношколец?
Сашко: Сонувач, со немирен дух, а и прилично отсутен. Со мислите накај театарот и едвај чекав да завршат часовите за да претрчам до театарот кој беше во близина за да гледам некоја проба и да се препуштам на тој имагинарен свет, во кој репликите од драмите се оживуваат на сцената и стануваат една реалност, прозвучуваат живо, кое што се вика ПРЕТСТАВА.

Медиум: Дали се сеќаваш на некоја интересна случка од средношколските денови?
Сашко: На екскурзија низ Македонија во трета година, во автобус свирев гитара. Третиот ден сите беа засипнати, буквално, а јас имав репертоар од едвај седум-осум песни. Па сега си мислам, колку пати сум ги отсвирил песните, штом сите беа засипнати од пеење.

Медиум: Што ќе им порачаш на средношколците?
Сашко: Па нормално сите петки, ха ха ха. Да ги слушаат мама и тато, да не пијат алкохол, да не се дрогираат, да не се презаљубуваат, да не остануваат до многу доцна навечер, да читаат книги, здраво да се хранат, да спортуваат, да не седат премногу на компјутер. А, знам дека сакаат се обратно од ова, ама ете, таа е таа вечна борба. И секако, да уживаат во секој средношколски ден и во секое спиење на клупа во последните редици, во секој украден поглед со симпатијата на голем одмор, во секоја караница со најдобриот другар/ка, во секоја четворка, затоа што тоа нема цена, а и никогаш не се повторува.

Репортер: Ирена Каревска,
студентка на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста