Активирај се | Создадено од вас |

Спојот на рок звуци и ромски мелос им е формула за успех

feat-img

Рок музиката важи за една од најслушаните кај младата популација. Таа е и една од најмногу слушаната и најчесто свирената на средношколските забави. Кога хитовите од овој музички правец ќе се преработат или популарно кажано кога на нив ќе се направат „кавери“ и ќе се испреплетат со ромски мелос тогаш се добива уникатен спој. Ваквиот карактеристичен микс на нивен својствен начин ни го доловуваат дечките од училишниот бенд „Рома Рок Скул“ (Roma Rock School).

Станува збор за група од седум ученици кои успеваат да ни ја претстават рок музиката на малку поинаков начин каков што досега и не сме слушнале. Токму затоа важат и за едни од најпопуларните и најслушаните меѓу средношколците во Скопје. Четворица од нив се средношколци, Милјам Хамза (тарабука), Демир Шабан (тарабука) и Ѓолхан Абдиевски (тапани) учат во средното училиште на Град Скопје „Шаип Јусуф“, Емир Јашаров (гитара) е ученик во средното музичко „Илија Николовски – ЛУЈ“, а Мемет Демир (саксофон), Омер Шабан (кларинет) и Мелас Сејфулов (гитара) се основци во училиштетот „Браќа Рамиз Хамид“. Првиот концерт тие го имаа лани во декември во еден од најпознатите скопски ноќни клубови.

За нивниот уникатен начин на музика, за досегашното искуство и нивните планови, разговаравме со тројца од средношколците кои се членови на бендот, а интервјуто ви го пренесуваме во продолжение.

„Медиум“: Колку време постои вашиот бенд и како почнавте да функционирате?

„Рома рок скул“: Најпрво се пријавивме за една аудиција каде требаше да покажеме што можеме и знаеме. Подоцна тие нас нѐ одбраа и го направија нашиот бенд и како таков постоиме скоро една година.

„Медиум“: Какво беше чувството кога прв пат настапувавте?

„Рома рок скул“: Се разбира дека на нашиот прв настап имавме голема трема, а воедно бевме и преплавени со емоции, чувствуваме среќа, радост и по малку страв. Ни претставуваше голема чест што ја имаме можноста да настапиме пред толку голема публика.

str.3 FACA NA MESECOT Roma Rock School 2„Медиум“: Какви беа впечатоците и реакциите на кои наидовте кај публиката?

„Рома рок скул“: Како нова група уште за време на нашиот прв настап оставивме добар впечаток поради несекојдневниот микс на музика и сметаме дека токму поради овој вид на музика им се допаѓаме.

„Медиум“: Дали се знаевте претходно или музиката ве здружи?

„Рома рок скул“: Секако дека се знаевме и претходно, но со формирање на нашиот бенд се здруживме уште повеќе.

„Медиум“: Дали имате трема пред настап и како ја надминувате?

„Рома рок скул“: Не, тремата веќе ја заборавивме, не ни преставува веќе проблем бидејќи успеавме да ја надминеме.

„Медиум“: Кој ви е музички идол и инспирација што ве поттикнал да се занимавате со музика?

„Рома рок скул“: Како наш заеднички идол конректно не можеме да одвоиме еден музичар. Секој одделно започнавме да се занимаваме со музика уште пред да се формира нашиот бенд, па затоа еден конретен музичар не можеме да посочиме.

„Медиум“: Дали свирите авторска музика или повеќе свирите преработки?

„Рома рок скул“: На нашите настапи постојат варијации од музика. Кога настапуваме најчесто свириме преработки, но не на класичен начин. Под некласичен начин,сакаме да кажеме дека додека свириме во музиката вметнуваме некои наши елементи, елементи од ромската музика како и дел од рок музиката.Исто така можеме да кажеме дека до сега имаме изработено една авторска композиција која како и преработките ја свириме на нашите настапи.

„Медиум“: Што правите во слободна време кога не свирите, дали се дружите?

„Рома рок скул“: Секако дека освен дружбата која ја имаме за време на пробите ,ние се дружиме и после пробите. Најчесто излегуваме и го користиме нашето слободно време најдобро што можеме.

str.3 FACA NA MESECOT Roma Rock School 3„Медиум“: Дали мислите дека во рамките на образованието треба да има повеќе вакви слободни активности кои ќе ѓи поврзуваат младите?

„Рома рок скул“: Да, дефинитивно може да се согласиме дека во рамките на образованието треба да има повеќе вакви активности, бидејќи почнувајќи од самите нас можеме да кажеме дека најпрво ние ја зацврстивме нашата дружба, а воедно успеавме и да создадеме нови познанства со бендовите од другите школи, како и да научиме нешто ново од нив, а и тие од нас.

„Медиум“: Каде најчесто настапувате?

„Рома рок скул“: Немаме некое стандардно место,но од сите настапи кои сме ги имале до сега можеме да кажеме дека најмногу имаме настапувано во МКЦ.

„Медиум“: Со што се ангажирани во моментов и дали имате некои планови за во иднина?

„Рома рок скул“: Сега за сега можеме да кажеме само дека ќе имаме некои настапи во блиска иднина. Но како за подалечна иднина имаме поголема цел: сакаме да се подобриме ние како музичари, да воспоставиме контакти со повеќе бендови, а како главна цел ни е ние да се развиеме на поголемо ниво како бенд и да станеме препознатливи по нашиот вид на музика.