Активирај се | Создадено од вас |

Среќен сум што можам да насмеам голем број на луѓе

feat-img

Марко Марковиќ е одличен и посветен ученик во четврта година во гимназијата ,,Раде Јовчевски-Корчагин“ во Скопје. Тој е интелигентно младо момче кое освои прво место на Microsoft Office натпреварот во Македонија, a се пласираше и во топ петте финалисти на глобално ниво на NASA Space Apps Challenge. Меѓутоа, кога младите ќе го слушнат името Марко Марковиќ, првото нешто што им паѓа на ум е ЈуТјуб каналот Џи-Пи (GP). Марко е еден од најпознатите македонски јутубери, со преку 70,000 следбеници (субскрајбери) на својот канал. Својата публика ја забавува со видеа за игри, влогови, предизвици, кратки песни.

Медиум: Што те поттикна да го направиш овој канал? Дали некогаш мислеше дека ќе го достигнеш денешниов успех и гледаност?

Марковиќ: Уште како многу мал, сакав да креирам видеа од најразличен тип. Имав огромна желба за снимање и отсекогаш сакав да држам камера во рака. Исто толку голем љубител бев и на видео игрите, особено откако го добив мојот прв PlayStation. По некое време, разбрав за ЈуТјуб (YouTube) како платформа за поставување видеа, со што почнав и јас да објавувам свои. Немав никакви очекувања, едноставно сакав мојата пасија да ја споделам со светот.

sreken sum sto mozam da nasmeam golem broj na luge 2Медиум: Сигурно е тешко да се постигне да имаше време за училиште, социјален живот и снимање видеа. Која е тајната?

Марковиќ: Да се биде континуирано активен на Јутуб не е едноставна задача, а особено ако на тоа се додаде и училиштето. Немам некоја посебна тајна за успехот, едноставно треба добра организација на времето. Гледам секој слободен момент правилно да го искористам.

Медиум: Со растот на твојата гледаност има и повеќе негативни коментари упатени кон тебе. Како се справуваш со нив?

sreken sum sto mozam da nasmeam golem broj na luge 3Марковиќ: Не постои ниеден Јутубер во светов кој не добива вакви коментари.Конструктивните критики секогаш ги сослушувам и имплементирајќи ги тие сугестии, се обидувам да се подобрам. Коментарите кои се негативни без причина, едноставно ги игнорирам.

Медиум: Јутјубер- хоби или професија?

Марковиќ: Искрено, веќе не би го категоризирал Јутубот како хоби. Почна така, но со големата бројка на следбеници која ја имам денес, почнав да си го сфаќам како обврска. Засега не е стриктно професија, но се движи во таа насока и пресреќен сум со тоа.

Медиум: Кога имам слободно време сакам да…

sreken sum sto mozam da nasmeam golem broj na luge 4Марковиќ: Многу сакам да истражувам нови работи по Интернетот. Сакам авантура, па исто така постојано се обидувам да правам нешто ново и возбудливо. Моето мото е секогаш кога можеш, прави го тоа што те прави среќен. Живеј го секој момент, бидејќи животот е еден и краток, па сметам дека треба да се искористи најдобро што може.

Медиум: Кое е твоето најголемо достигнување како јутубер на кое си најгорд?

Марковиќ: Тоа е видеото кое има и најмногу прегледи на мојот канал. Тоа е мојата песна „Ајде Џипери“ во која се заблагодарив на џиперите за достигнатата цифра од 50.000 следбеници. Навистина сум премногу горд на неа, бидејќи постигна неверојатен успех. Инструменталниот дел на песната беше изработен од online другарче. Останатиот дел, значи текстот, монтажата, сценографијата, ги смислив и направив сам, а другар ми Дарко ми помогна околу снимањето.

Медиум: Како тече подготовката за снимање на видео?

sreken sum sto mozam da nasmeam golem broj na luge 5Марковиќ: Кога се работи за поголемиот број на мои видеа, а тоа се видеата во кои играм игри, првото нешто што го правам е пронаоѓањето на вистинската игра. Потоа ја вклучувам камерата, почнувам со играње и самата игра ја диктира приказната на тоа видео. За ваквите видеа немам определен текст, едноставно го кажувам она кое ќе ми падне прво на памет. Сите останати типови на видеа, како филмовите и влоговите, се секако однапред смислени, со точно утврдено сценарио.

Медиум: Најдобар и најлош дел од станувањето на популарен јутјубер?

Марковиќ: Дефинитивно многу е поголем бројот на добрите страни на јутуб-от во споредба со лошите. Навистина сум пресреќен што ја имам ретката прилика да насмеам толку голем број на луѓе, да ширам позитивна енергија и да пренесам некоја порака која сметам дека е важна. Лошите страни се занемарливи. Единствено што би издвоил е намаленото ниво на лична приватност, што е очекувано со ваквото занимање.

Ива Цветковска, Гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“, Скопје