Активирај се | Создадено од вас |

Стојанче Стоилов: И денес ги имам истите другари како и во средно

feat-img

Еден од милениците на навивачите и на пошироката ракометна публика, пикерот на ракометниот клуб „Вардар“ и на машката ракометна репрезентација на Македонија, Стојанче Стоилов, е „Фаца на месецот“ во првиот број од новата сезона на „Медиум“.

Неговиот клуб минатиот викенд се пласираше помеѓу осумте најдобри екипи во Европа. Ова не е првпат, но дали ќе можеме да навиваме за македонски клуб во полуфиналето на Лигата на шампиони – е едно од прашањата за нашиот соговорник. „Балерината со големина на мечка“, како што го нарече еден европски ракометен коментатор, исто така зборуваше и дека врв во репрезентативната кариера на оваа генерација ракометари ќе биде ако тие за десетина дена успеат да ја обезбедат „визата“ за Олимписките игри во Рио. Стоилов за „Медиум“ сподели сеќавања од неговите средношколски денови и неколку совети за денешните тинејџери кои имаат амбиции во спортот.

Медиум: Во четвртфиналето ќе се соочите со Веспрем, тоа е тим со којшто добро се познавате, имате одиграно многу меѓусебни натпревари, и во Лигата на шампиони и во регионалната Сеха. Каков е твојот коментар за противникот?
Стоилов: Точно е дека многу добро се познаваме, одигравме голем број натпревари овие две години со нив. Тие се цврста екипа, ние ги почитуваме, а и тие нас. Мечот со нив ќе биде „да се биде или не“ и се надевам дека ние ќе сме тие што ќе излезат како победници.

Медиум: Колку тоа познанство може да помогне или да одмогне?
Стоилов: Некогаш, кога мислиш дека некого го познаваш многу добро, може тактички да се спреми поинаку и да те изненади. Истото можеме и ние да го направиме. Тоа ќе биде тактичко надигрување помеѓу шпанските тренери на двете екипи, кои постојано размислуваат за тактиките и го следат противникот.

stojance2Медиум: Се чини дека очекувањата кај публиката, од сезона на сезона, се сè поголеми за подобар пласман, за играње на завршниот турнир, „фајнл форот“, во Келн. Прави ли тоа дополнителен притисок или, пак, е мотивација?
Стоилов: Знаеме дека од година на година очекувањата се поголеми. Мислам дека тоа не ни прави некој притисок. Ние сме професионалци и знаеме зошто сме тука и треба да си ја завршиме работата што е можно подобро.

Медиум: Има ли Вардар сила да се пласира оваа година на „фајнл форот“ во Лигата на шампиони?
Стоилов: Ова е трета година по ред откако се формираше овој „нов“ Вардар. Првата година бевме многу блиску, следната година исто така стигнавме во четвртфинале. И сега трета година по ред го кажувам истото, се надевам дека токму оваа е таа кога ќе успееме да ја израдуваме нашата публика и конечно да се пласираме на завршниот турнир.

Медиум: Покрај актуелните случувања во Лигата на шампиони, за десетина дена е и квалификацискиот турнир на којшто ќе настапите со репрезентацијата за пласман на Олимписките игри во Рио. Тоа е пречката која треба да ја надминете за да се запишете во историјата. Каков е твојот коментар во пресрет на квалификациите?
Стоилов: Вторпат ја имаме оваа шанса и треба да ја искористиме. Да играш на Олимпијадата е врв во кариерата. Ако успееме, тоа ќе биде првпат некој екипен спорт да игра на Олимписки игри. Сметам дека сме зрели за тоа и сериозно мора да ја искористиме шансата што ни се нуди и да не „кикснеме“ како претходниот пат. Слушам муабети дека групата била лесна, а воопшто не е. Тунис е една многу незгодна екипа, за Полска веќе знаеме. Теренот во Полска ни е познат и се надевам дека ќе го видиме Рио.

Медиум: На која победа најмногу си се израдувал, а кој пораз најтешко ти паднал?
Стоилов: Има многу такви. На пример, таа година кога освоивме титула со „Вардар“ во домашното првенство, а „Металург“ беа фаворити, последната победа со тренерот Веселин Вујовиќ. Секогаш ќе ја памтам и ќе зборувам за неа, како една од подрагите победи во животот. А пораз што најмногу ме погодил е тој против Флензбург пред две години, иако не играв, туку бев на трибини, и затоа мислам дека уште потешко го прифатив тоа. Секунда недостигаше да се пласираме на „фајнл форот“.

Медиум: Кога и како Стојанче Стоилов почна да се занимава со ракометот?
Стоилов: Моите почетоци беа доцна, играв кошарка до 18 години, случајно почнав да се занимавам со ракомет. Вујко ми, како ракометен тренер, прилично долго време ми досадуваше: „ајде ракомет, ајде ракомет“. Јас во почетокот одбивав, бев вљубен во кошарката, но на крај си дадов шанса да се обидам во ракометот и останав во него.

Медиум: Точно ли е дека важиш за еден од најголемите шегаџии меѓу твоите соиграчи?
Стоилов: Можеби е точно, знам често да дофрлам некои сеир-муабети и да се „закачам“ со некого, ама знам и да прифаќам шеги на моја сметка.

stojance2Медиум: Со кого од ракометарите од Вардар и од репрезентацијата најчесто се дружиш? Колку имате време за ноќен живот?
Стоилов: Од клубот тука се Филип Лазаров, Дејан Манасков, а од репрезентацијата се и Филип Миркуловски, Гоце Георгиевски… Повеќето од играчите од репрезентацијата се во странство, па можеме да се гледаме само кога имаме собир или за летниот одмор. Со тие што се тука често се гледаме. Од клубот, исто така, најмногу се дружам и со Страхиња Милиќ и Илија Абутовиќ. Порано повеќе можев да си дозволам излегувања навечер, сега, како што стареам, сè помалку излегувам и јас и другите.

Медиум: Која е жртвата што треба да ја направиш за да можеш да се посветиш и да успееш во кариерата?
Стоилов: Се откажуваш од некои моменти важни за тебе или за оние што ти се важни во животот. На пример, кога имаш натпревар во странство, не можеш да си тука за некој роденден, да прославиш ако на некој близок му се родило дете. Тоа се моменти кои едвај ги чекаш, а поради обврските не можеш да си тука. Ние немаме работно време, но се случува да тренираме или да имаме натпревар за време на празници и слични ситуации.
На што најмногу се сеќаваш од твојот средношколски живот? Што ти останало од тој период?
Мислам дека не бев омилен помеѓу професорите. Но оттогаш ми останаа дружењата – со истите луѓе се дружам и до ден-денес. Од часови не бегав често, но периодот кога почнав да тренирам ракомет бев токму средно, па понекогаш мораше да отсуствувам.

Медиум: Колку е ракометот популарен помеѓу средношколците?
Стоилов: Сметам дека е, и тоа многу. Има многу деца кои ме среќаваат на улица или на Фејсбук ми пишуваат реакции. Мислам дека ракометот влева надеж кај младите дека може да успеат во спортот, доказ е и тоа што има сè повеќе школи за ракомет. За да успееш во ракометот или во кој било друг спорт, треба да почнеш уште од мали нозе.

Медиум: Постои ли формула за успешна кариера?
Стоилов: Некоја посебна формула, сметам дека не. Пред сè, потребна е напорна работа, да имаш повеќе среќа да ги избегнеш повредите.

Автор: Александар Самарџиски, новинар на „Нова Македонија“ и дипломиран студент на Високата школа