ИНИЦИЈАТИВИ - МАМИЛ |

[Став] За правните аспекти на говорот на омраза

Говорот на омраза, како појава, секојдневно ја среќаваме во нашето секојдневие. Но, дали реално можеме да ја препознаеме, и што реално преземаме за нејзино сузбивање, дали воопшто таквиот говор е правно санкциониран и ако да, како се санкционира??? На некои од овие прашања ќе се обидеме да Ви одговориме во следната статија…

Говорот на омраза, како феномен од секојдневието, се уште нема засебна правна регулација, каде што би се внела една општоправно прифатена дефиниција, начини на негово манифестирање коишто би се сметале за правно недозволени, начини на санкционирање на говорот на омраза, како и мерки коишто би служеле како можна превенција од така определениот говор.

За прв пат, говорот на омраза е инкриминиран (определен како кривично дело), во рамки на Кривичниот законик на РМ (во понатамошниот текст КЗ), во текстот од 1996 година. А кривично- правната регулација на говорот на омраза и неговите појавни облици, можеме да ја согледаме преку некои од следниве членови од Кривичниот законик на Република Македонија.

Во глава осумнаесетта од КЗ, во Член 179, се вели: Тој што со намера за исмејување јавно ќе ги изложи на подбив македонскиот народ и припадниците на заедниците кои живеат во Република Македонија, ќе се казни со парична казна.

Понатаму низ кривичниот законик, во член 319: ,,Тој што со присилба, малтретирање, загрозување на сигурноста, излагање на подбив на националните, етничките, верските и други симболи, со палење, уништување или на друг начин оштетување на знаме на Република Македонија или знамиња на други држави … или на друг дискриминаторен начин, непосредно или посредно, ќе предизвика или ќе разгори омраза, раздор или нетрпеливост врз основа на пол, раса, боја на кожа, род, припадност на маргинализирана група, етничка припадност, јазик, државјанство, социјално потекло, религија или верско уверување, други видови уверувања, образование, политичка припадност, личен или општествен статус, ментална или телесна попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, или на која било друга основа предвидена со закон или со ратификуван меѓународен договор, ќе се казни со затвор од една до пет години’’.

Овде, имајќи го во предвид начинот на извршување на делото (присилба, малтретирање, загрозување на сигурноста, со палење, уништување…) којшто како таков секако претставува посложен и специфичен начин на реализација на говорот на омраза, сразмерно и потешко се казнува. Поточно, овде од старт зборуваме за казна затвор, како казна којашто би можела да се спореди со казните предвидени за дела од посериозен карактер, што зборува за напредокот на нашиот правен систем кон посериозно санкционирање на говорот на омраза, а во насока на негово сузбивање (ако веќе не можеме да зборуваме за негово целосно искоренување од нашето секојдневие). Како и други кривични дела, така и говорот на омраза, доколку како таков се врши од страна на лице коешто е вршител на определена државна служба, и при тоа, во рамки на службата преземе определено дејствие коешто во Став 1 е определено како говор на омраза, сразмерно и потешко се казнува т.е овде повторно зборуваме за казна затвор, но со поширок интервал, од една до десет години.

Сведоци сме на се повеќе засилената појава на говорот на омраза на интернет, преку социјалните мрежи, притоа некои сметајќи ги како можност да се затскријат во интернет просторот. На прагот на сајбер- хејт- от, КЗ содржи одредби со коишто е инкриминирано и таквото штетно постапување од страна на поединци или групи. Така, во Член 394- г, Став 1 од КЗ, се вели: ,,Тој што преку компјутерски систем во јавноста шири расистички и ксенофобичен пишан материјал, слика или друга репрезентација на идеја или теорија која помага, промовира или поттикнува омраза, дискриминација или насилство, против кое било лице или група, врз основа на пол, раса, боја на кожа, род, припадност на маргинализирана група, етничка припадност, јазик, државјанство, социјално потекло, религија или верско уверување, други видови уверувања, образование, политичка припадност, личен или општествен статус, ментална или телесна попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, или на која било друга основа предвидена со закон или со ратификуван меѓународен договор, ќе се казни со затвор од една до пет години’’. Во понатамошните Став 2 и Став 3, од истиот член, се опфатени ваквите појави во рамки на друг медиум за јавно информирање и Слуачите кога ваквото дело би било сторено во вршење на јавна служба, злоупотребувајќи ги положбата и овластувањата коишто произлегуваат од истата.

Кога зборуваме за начинот на заштита и можноста ваквите дела да бидат санкционирани, истите можат да бидат пријавени до соодветните државните органи. На располагање ни стои Министерството за внатрешни работи (МВР) и надлежното Основно јавно обвинителство (ОЈО). Така, кривичното дело Говор на омраза може да биде пријавено со пријавување до соодветната полициска станица на МВР, или со поднесување на Кривична пријава до надлежното ОЈО. Говорот на омраза на социјалните мрежи може да биде пријавен до одделението за електронски криминал на МВР.

Кога зборуваме за говор на омраза, не можеме а да не ја спомнеме и Дискриминација, како феномен нераскинливо сврзан со говорот на омраза. Дискриминацијата, за разлика од говорот на омраза, е подведена во посебна законска регулатива т.е Закон за спречување и заштита од дискриминација. Така, овој закон под поимот дискриминација го сврстува ,,секое активно или пасивно однесување кон определено лице од страна на јавните власти, како и од страна на лица од јавниот или приватниот сектор, во јавниот живот, што води кон привилегирање или депривилегирање на некое лице на неоправдан начин или го изложува со тоа на неправеден или деградирачки однос во однос на другите лица коишто се наоѓаат во иста или слична ситуација, а тоа базирано на било која од дискриминаторските основи’’.

Така, под дискриминаторски основи се подразбираат карактеристики (т.н заштитни карактеристики) коишто ги носи определено лице (било тоа тие да се стекнати или лицето ги има од моментот на раѓање), а како такви се причина за нееднаквиот, неправеден или (де)привилегирачки третман на тоа лице во однос на другите. Како дискриминаторски основи би можеле да бидат: пол, раса, верска или политичка определба, националност, припадност кон определена малцинска заедница, сексуална определба, степен на образование, возраст, припадност кон маргинализирана група, финансиско- материјална положба или социјален статус и сл.

Но, законот ја санкционира и т.н индиректна дискриминација, како облик на дискриминација т.е случаите на пример кога постои т.н инструкција за дискриминација. Таков би бил случајот кога работодавач, при оглас за вработување, би наредил на лицата коишто го спроведуваат интервјуто да не дозволат вработување на лица коишто се носители на определени заштитни карактеристики (на пример ќе наложи вработување само на жени, или само на лица со општа здравствена состојба и сл).

Исто така, покрај Директната и Индирекната дискриминација и Инструкцијата за Дискриминација, како појавни облици се среќаваат и Вознемирувањето и неговата квалификувана форма- Сексуално вознемирување, каде што основната цел е задирање во достоинството и интегритетот на личноста којашто, како резултат на поседувањето на соодветна заштитна карактеристика, е предмет на дискриминирање и нееднаков, неправеден третман.

Така, во кој било од горенаведените случаи, може да се поднесе претставка за заштита од дискриминација/ вознемирување до Комисијата за заштита од дискриминација. Ваквата претставка се поднесува во рок од 3 месеци од денот кога бил сторен актот на дискриминирање (субјективен рок) или најдоцна една година од моментот на дознавање за сторениот акт на дискриминација (објективен рок).

Исто така, феноменот на говор на омраза и Дискриминацијата се правно регулирани и со други правни акти, како што се Закон за Медиуми. Во оваа сфера, како можности за заштита од ваквите оштествено- штетни акти, функционираат Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Здружението на новинари на Македонија и во склоп на него т.н Совет на Честа, Советот на етика на медиумите во Македонија (СЕММ) и во негов склоп Комисијата за жалби (како советодавно тело).

Согласно со погоре наведеното можеме да констатираме дека, од формално- правен аспект работите се доста добро ситуирани, и како такви имаме солидна правна рамка за превенирање и санкционирање на Говорот на омраза и Дискриминацијата, но ваквата законска рамка доведува до прешироко толкување на говорот на омраза, со што ја оневозможува имплементацијата на кривичните одредби. Тоа е и главната причина за непрепознавањето на делото од страна на судската практика (само мал дел од случаите се судски процесуирани), поради тоа што ваквото негово регулирање захтева широко толкување и познавање на феноменот и областа на говор на омраза. Како можен исчекор во насока на подобрување на целокупната судска практика би можело постепено да почне да се исплементираат искуствата стекнати од практиката на Европскиот суд за човекови права, кадешто постои солидна ,,ризница’’ на пресуди од коишто би можело да се искористи искуство, како одскочна даска, во насока на судско процесуирање на делата на Говор на омраза и Дискриминација.

Ангел Симов и Слободанка Џотова