ИНИЦИЈАТИВИ - МАМИЛ |

Таравари лаже, ние не ја одолговлекуваме постапката за лекови, тврди советот за јавни набавки

Лекови за болните од ретка болест Вилсон и за болните од хемофилија нема поради неажурност на Министерството за здравство и поради неправилно определување на своите приоритети, тврди Советот за јавни набавки.

Во писмената реакција од Советот за јавни набавки по изјавата на министерот за здравство Арбен Таравари дека поради одолговлекување на постапката од Советот за јавни набавки болните од ретката болест Вилсон три месеци се без лекови, а нема фактор за коагулација на крвта и за болните од хемофилија, се вели дека Министерството за здравство не треба да ја префрла вината за недостигот на лекови кај Советот за јавни набавки, бидејќи тој навреме одговорил на нивните барања за распишување јавен оглас.

„Ги отфрламе обвинувањата дека поради Советот за јавни набавки нема лекови за болните од ретката болест Вилсон и за болните од хемофилија дадени од министерот за здравство Арбен Таравари. Барање за согласност за распишување набавка за лекови за ретки болести во Советот прв пат е стигнато на 21 февруари годинава. Проценетата вредност на набавката е со износ од 1,9 милиони евра . Поради комплексноста на техничката спецификација побарани се стручни мислења од експерти од областа на здравството. По трет пат ова барање до Советот е поднесено на 14 март годинава, а Советот без ангажирање на стручни лица веднаш дал согласност, поточно на 15 март годинава. Зошто Министерството за здравство од март годинава па се досега не ја реализирало оваа набавка треба да одговори Министерството за здравство и неприфатливо е вината да се префрла на Советот за јавни набавки“, вели Борче Христов, претседател на Советот за јавни набавки во писмената реакција.

Тој објаснува дека откако Советот за јавни набавки бил директно посочен од министерот Таравари дека ги развлекува постапките за набавки, детално ги провериле сите барања за согласност испратени од Министерството за здравство.

„Иако согласност за набавката на Министерството му е дадена уште на 15 март годинава, дури на 18 септември годинава до Советот е испратено друго барање за согласност за набавка на лекови за ретки болести со проценета вредност од 24.361 евра и за истото е дадена согласност на 20 септември годинава, што значи дека советот за два дена одговорил на барањето“, вели Христов.

Тој објаснува дека освен овие барања Министерството за здравство на 9 февруари годинава до Советот поднел барање за согласност за набавка на лабораториска опрема, на 15 февруари побарало согласност за набавка на лабораториски тестови за ХИВ/СИДА, на 20 февруари побарало согласност за набавка на услуги за мерење на задоволството на пациентите и евалуација на квалитетот на здравствените услуги, на 21 април побарало согласност за сервис на возила.

„Дали била поважна набавката на сервис за возила од набавката на овие лекови треба да каже Министерството за здравство, а не вината да ја префрла на Советот за јавни набавки“, стои во писмената реакција на Христов.

Е. БОЧВАРОСКА

Оваа статија се продуцира со помош на грант доделен преку проектот „Коалиција за медиумска писменост“, што го спроведува Високата школа за новинарство и за односи со јавноста во соработка со Институтот за различности во медиумите од Лондон и весникот „Нова Македонија“ со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржините во оваа статија се одговорност единствено на Сакам да кажам и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.

Линк до оригиналната објава