Активирај се | Создадено од вас |

Ајде да зборуваме

feat-img

Моника Стојановска, СОУ „Митко Пенџуклиски“, Кратово

Живееме во динамичен и разновиден свет. Свет на луѓе со различни карактери и различни мислења. Но, и покрај се, луѓето се држат едни покрај други, сплотени. На место е изреката која вели дека човек сам не може. Споделувањето приказни, добри и лоши, доживувањата се секојдневие на младите тинејџери. Пријателства се создаваат за секунда, никнуваат на секој чекор. Велат, ако едно пријателство трае повеќе од седум години, тогаш станува збор за вистинско пријателство.

 Но, што е всушност пријателството? Кои луѓе се нарекуваат пријатели?! Пријатели ли се оние со кои споделуваме доживувања, приказни, оние со кои се смееме? Пријатели ли се оние кои се поразлични од нас и преку чии очи го гледаме светот на различен начин, од поинаква перспектива? Дали да се биде пријател значи да се биде и партнер?
Пријателството, партнерството меѓу тинејџерите се опишува, пред се, како нешто многу комплицирано. Како и возрасните, и тинејџерите имаат многу нешта што им се случуваат. Секојдневни обврски и одговорности, училиште, несогласувања со домашните, познаниците, сокласниците… Тинејџерите се луѓе, луѓе кои го бараат совршеното, она што им одговара, местото каде припаѓаат. Адолесценцијата е период на збунетост, нејасни чувства, проблеми без решение. Во тој, понекогаш хаотичен свет, психологијата може да биде добар патоказ кон посакуваната цел. Психологијата, таа прекрасна наука, е наука за чувствата, емоциите, мотивацијата, менталната хигиена. Психологијата нуди решение на адолесцентските проблеми, а решението е партнерството. Парнерството е врска, врска меѓу адолесцент и родител, адолесцент и адолесцент, адолесцент и наставник. До најдобрите решенија се доаѓа преку разговор. Дијалогот е клучот за успешно поминaти тинејџерски години и успешно осознавање на самиот себе.
Да зборуваме.