Активирај се | Создадено од вас |

Чувари на бисерите

feat-img

Анастасија Спировска, I-8, СОУ „Перо Наков“ – Куманово

Додека вие занесно ме слушате, јас морам претпазливо да раскажувам. Го помнам првиот ден во ова училиште… Се сеќавам дека барав многу работи, многу пријатели. Но, колку и да се трудев, се чувствував ко да сум архива, неуредена, со многу полици, во која не можев да го најдам она што го барав.

Си ги слушав сопствените чекори кои не беа веќе мои… Во мене сé одекнуваше, треперев, а тие треперења стануваа силни вибрации, како да бев кула од карти која тие ќе ја срушат… Гледав луѓе, а никаде човек… Дали стравував од пловењето во нечии туѓи животи, иако другите со леснотија тоа го правеа? Бев на некое познато место, а сепак непознато. Блиску, а толку далеку од сите. Такви беа првите денови. Чувствував нешто застрашувачко, а не знаев што е.

-Се надевав барем дека ти ќе си тука – ми рече некој прегрнувајќи ме. Во мигот ко да најдов бисер на некоја полица, на онаа заборавена, на крајот од ходникот. Токму тој бисер ме мамеше, ме влечеше и повлекуваше, бараше од мене да пронајдам уште такви како него, велејќи ми дека се скриени онаму каде што невидливото за мене ќе е видливо. Тој негов глас ме смируваше. Почнав уште такви да барам… И, да, сфатив дека ги има многу, но не беа сите целосни. Скршени и оштетени во немоќ ги бараа своите делчиња. Посегнував по нив надевајќи се дека ќе ги спојам. Но, тогаш некој раката ми ја скаменуваше. Не забележав дека има некој кој сите нив ги ,,чува“. Некој кој не им дозволува да бидат целосни. Се обидував да има кажам дека можат заедно да успеат, сите да се обединат.

Како да го слушнаа внатрешниов глас. И, да, конечно станавме свесни, знаееме дека тоа е наш заеднички успех. Еден ден можеби ние ќе треба да бидеме чувари на тие бисери, но дали ова е вистинскиот начин? Дали наметнувајќи им правила ние ќе ги споиме или уште толку ќе ги распарчиме ? Потребно е да се сфати дека сите ние живееме во ист свет, но ниеден од нас не е ист. Јас знам да напишам песна, ти знаеш да израмниш хемиска равенка, тој пак совршено ќе ти раскаже кој е Александар Македонски, што се има случено во 1915 година во светот.

И наместо да барате различни богатства, сочувајте нé нас. Ние сме тоа богатство кое треба да се обработи и вредноста да му се зголеми. Наставниците и учениците.. Да, ние сме тие. Наставниците нé научија на највредните работи во животов. Секојдневно ни го покажуваат светлиот пат, но и нé предупредуваат на суровоста. Ние учениците секојдневно им ги насмевнуваме лицата со нашите досетки, со љубовта ги растреперуваме. Ние сме им поддршка и тие наша. Ние средношколците се будиме од зимскиот сон. Ние ја сфаќаме вредноста на она што се вика ,,образование“. Нашата иднина ќе биде посветла единствено ако светилката во мозокот ја вклучиме и јасно ги бараме нашите права… Само заедно ќе успееме, деновите ќе ги избоиме во најубави бои, бои мои и твои. Јас мислам вака. А вие, што мислите вие?

Ментор : Фросина Милошевска, наставник по македонски јазик и литература