Активирај се | Создадено од вас |

Да се следи сонот или добрата плата?

feat-img

Тијана Атанасовска, СОУ „Свети Кирил и Методиј“ – Неготино

Години ги менуваат желбите. Посакував да бидам многу нешта, влијаеа луѓето околу мене кои ме инспирираа, па изборот постојано се менуваше. А, времето лета и потсетува дека е потребна цврста одлука. Сите ме охрабруваат да го следам сонот, велат-тоа е чекорот кон успехот.

Кој го дефинирал успехот и како? Дали тоа е финансиската состојба? Можеби духовниот мир? Или најважно е сепак сликата на семејството да е целосна? Од каде да тргнам, за каде да пристигнам?

Збунетост ме измачува за да го одберам правилното, ако воопшто постои нешто такво. Моето срце вели да пишувам, бидејќи верувам во инспирацијата на зборовите. Чука силно за сцената и драмата. Само таму доживувам различни личности со нивните животни стории.

Говорот на фотографијата ме ежи на секој поглед. Погледнувам од мој агол и знам. Создадена сум за да пренесам љубов, да инспирирам, стоплам нечие срце и сменам туѓа мисла кон позитивното.

Општеството вреска во мене. Дали мојата татковина е земјата на културното издигнување? Дали овде има можности да го живеам мојот сон? Би го нахранила ли моето семејство и сите миленичиња кои би трчале наоколу? Да, знам дека можам да заминам, но го сакам мајчиниот јазик и мојот народ! Срцето камен ќе ми стане. Го затворам истото и се вртам кон рационалното. Ги гледам хоризонтите на технологијата и броевите. Присилена сум. Ќе ризикувам, моето образование и моето работно место. Нека бидат здодевни. Психата да ми е мирна дека пловам сигурно за плата. Во слободното време ќе го следам сонот. Можеби ќе успеам? Ќе ми се насмее судбината, верувам… Или и јас ќе седам со бели коси крај каминот, ќе гледам во моите деца и внуци кои израснале без да им недостига нешто. Ама со камен срце.

Љубовта е утеха, кога не можеме да го имаме она што го сакаме. Се задоволуваме со туѓата среќа бидејќи не сме ја освоиле сопствената. Бегаме од ризикот за да не губиме време. За на крајот да заклучиме дека ништо не сме направиле, а времето поминало.