Активирај се | Создадено од вас |

ДА – за младинска политка, НЕ – за поларизација во образованиот процес во Македонија!

feat-img

Мартин Николовски, СОЕУ „Јане Сандански“ – Битола

Периодов образованието во Македонија го одбележуваат многубројни настани. Протести, штрајкови, маршеви, бојкот на настава… Некои барања се исполнети, а за други ниту глас не се слуша. Учениците се во дилема: „Дали образовниот процес во Македонија замина во ќорсокак?“.

Студентски пленум, Средношколски пленум, Наставнички пленум, Контра пленум, Студентски парламент, Средношколска унија… Секој сè нешто бара, а никако да се пронајде самиот себе.

Зарем политичките партии се тие кои што ќе ја заменат професијата наставник или професор?! Во ниту еден случај не смее партиската политиката да навлезе во образованието, а очигледно некој ги помешал поимите „партиска политика“ и „младинска политика“. Често политиката се поврзува со решенија на прашања кои се поврзани со младите, но таа е многу пошироко поле кое вклучува важни аспекти од младинското учество, преку неформално образование до иновации и истражување.

Според Советот на Европа, „целта на младинската политика е да се создадат услови и можности за учење и искуства кои ќе им овозможат и обезбедат на младите луѓе да ги развијат нивните вештини, знаења и компетенции за да учествуваат во демократските текови и да се интегрираат во општеството“. Во прирачникот за креирање локлани младински стратегии на Коалиција СЕГА се вели: „Младинската политика е збир на мерки и активности кои се преземаат за да се задоволат потребите на младите“. Меѓутоа, во нашето образование ниту една од двете горенаведени дефиниции за младинска политика не се практикува. Во екот на најголемите протести на студентите и средношколците, додека тие ги бараа своите права, им беше забрането основното човеково право – правото на здружување.

Според Конвенцијата за правата на детето која Македонија ја ратификуваше во 1993 година во член 15 од истата стои: „Државите – членки му ги признаваат правата на детето за слобода на здружување и за слобода на мирно собирање. Не можат да се наметнат никакви ограничувања за остварување на овие права, освен на оние што се во согласност со законот и што се неопходни во демократското општество и во интерес на националната безбедност или јавната сигурност, на јавниот ред (ordre public), заштитата на правата и слободите на другите“.

Според истражувањето кое го спроведоа Младински образовен форум и Реактор од Скопје во 2010 година, се увиде дека 70% од средношколците не се запознаени дали има средношколско организирање во нивните училишта, а додека пак 81% од испитаниците никогаш не учествувале во изборот на Средношколска унија.

Новите реформи кои, како што велат спроведувачите на истите, не треба да ја натрупуваат веќе натрупаната програма на учениците, туку да им дадат простор за младинско учество, а особено да бидат вклучени во процесот на донесување на одлуки кои ги засегаат токму младите.