Активирај се | Создадено од вас |

Диско дискографија

feat-img

Дејана Попоска, IV-8, СУГС „Раде Јовчевски-Корчагин“

Сите бевме панкери, кога беше „фора“. Панкот долго беше на апарати за дишење, ама умре. Турбофолкот е тој што не е мртов. Во најдобри години е и без „лична“, го пуштаат по дискотеки. Е сега, едно круцијално прашање: Колку промили нè делат од „Што им е на селанкиве?“ до „Тоо Цецооо“ расположение?

Веќе сите „Раскинавме со неа“, и тоа во „репризи“ на сè можно што се случи од „event“. Да не беше Цеца со песната, многу парови ќе ја преживееjа годината. Од причина што Светлана ги натера да раскинат, сега се журкаат до недоглед. Во тие моменти на „транс“ од срцепарателниот текст сите гледаат кој ги гледа. Не знаеш што е полошо – да си пееш и да гледаш дали ти се смеат непочитувачите на актуелната песна или да седиш од страна прашувајќи се зошто не си дома. Во секој случај, сè тоа се крие позади еден „не ми е гајле“ став за кој ние цурки можеме докторат да напишеме.

Од друга страна, мора да има нешто во тие заразни рефрени од коишто сакале-нејќеле знаеме најмалку десет. Колку уживаме во патетика. Да треба да бираме, мислам дека пред парче пица доза патетика би одбрале. И таман ни легнува тој дух, Сашко Коцев многу убаво го има објаснето „Сè некој некого оставил, ја њу волу она мене не воле“. И веќе пола од журкаџиите се пронашле во текстот и дури едната рака им е крената горе во чест на песната, другата панично го бара телефонот да почне да ѕвони на „поранешниот/поранешната“.

Одвреме-навреме и на некои места има стварно „кул“ музика. Знае Скопје да игра по градски ноти, а еве и ние полека се учиме. Ама џабе ни се сите песни од Ерик Клептон на „wall“ кога уште во „средно“ на екскурзија сме се буделе со „Да раскинем са њом“, сме заспивале со „Да раскинем са њом“, под туш „Да раскинем са њом“, пред диско „Да раскинем са њом“, во диско „Да раскинем са њом“. И после ќе биде „Не знае ОН да и раскине на женска му“. Па фала Богу дека не знае, од кај да знае!?