Активирај се | Создадено од вас |

Драг Дедо Мраз…

feat-img

Султана Јовановска, IV-4,  СОУ,,Јане Сандански” – Струмица

Ти го праќам ова писмо уште од сега за да имаш време да размислиш и да видиш што ќе правиш со моите желби. Првпат ти пишувам, те молам земи ме в предвид.

Знаеш… Јас не сум од добрите деца, но не сум и од лошите, поднослива сум, за моменти. Нема да ти барам, како што ти бараат малите мамини и татини галеничиња од 5-6 години, компјутери, телефони и слично. Јас само сакам да ги исчистиш оние кои што се’ уште „сваќат“, а не сфаќаат. Оние кои што не знаат дали името на нивната држава се пишува со „к“ или со „ќ“ (Македонија). Оние кои што пишуваат „незнам“, а не „не знам“. Оние кои што сакаат да бидат „прецедатели“, а не претседатели.

Кога сме тука, те молам исчисти ги и полуинтелекуталците кои мислат дека знаат се’, а со нив и оние потрчковците и улизнувачите околу политичарите. Само гужва ни прават во државата. Исто така, дај прибери ги „манекенките“ што кружат по ФБ, не ги поднесувам, жими се’, а со нив и „менаџерите“ низ кафулињата кои којзнае дали го верификувале своето средно образование, а се „менаџери“.

Нели ти леташ и правиш чуда, па сигурна сум дека ќе можеш да го направиш ова за мене. Сети се дека првпат ти пишувам и дека мораш да ме земеш в предвид. Имам уште многу желби, ама ајде ќе оставам нешто и за некоја следна година. Сега тоа реши го. И не дека ти наредувам, ама не сфаќај ме погрешно, но ако не ми ги исполниш желбите, ако го немаш гледано филмот ,,Крај на 21 век“, те молам: Изгледај го!

Знаеш… Кога велам исчисти ги, не мислам да ги снема од планетата Земја, еве може да си ги земеш со тебе во Лапонија, да ти помагаат, но добро, еве не ти се мешам, сепак Ти најдобро знаеш. Голем поздрав од Македонија.

П.С. Се надевам разбираш македонски!???