Активирај се | Создадено од вас |

Иднината е наша и одлуките „Каде во средно?“ треба да бидат наши

feat-img

Анасрасија Стојковска, ученичка во СОУ„Перо Наков“ Куманово

Образованието е најважниот сегмент од животот на човекот. Сè се учи додека човек е жив, додека чекори, мисли, посакува, сонува. Сите сме свесни за тоа. Се трудиме да живееме во чекор со новите модерни предизвици, да бидеме иновативни, оригинални, модерни. Но, честопати таа наша младешка желба да бидеме поинакви од другите, нè води во погрешна насока и разочарување.

Образованието во нашето современо општество е такво какво што е, помалку или повеќе конзервативно и неинтегрирано. Учениците се сѐ повеќе незаинтересирани за наставните содржини бидејќи истите се повторуваат од година во година. Кога станува збор за изборот на средно  училиште, одлуката најчесто паѓа на она училиште коешто е модерно и елитно. Токму тоа се параметрите по кои се раководат новите средношколци. Да не ги изоставам и родителите, роднините, соседите и околината, сите со своите добронамерни совети, неисполнети сопствени желби и очекувања. А, каде сме во сето тоа ние? Каде сме во одлуката што сакаме да учиме и што сакаме да бидеме во животот?

Кога ќе ги тргнеме мислите и очекувањата на луѓето околу нас, кога ќе си го слушнеме внатрешниот порив и сопственото срце, тогаш ќе ја донесеме најдобрата одлука. Можеби во нас постои нешто што го посакуваме, а не се трудиме да го оствариме затоа што не се вклопува во мозаикот на современата генерација. И така лека полека, стануваме копии едни на други занемарувајќи ги сопствените можности и желби. Ги оставаме да останат  потиснати  во нас, заробени во нашите мечти. Па, можеби некогаш, некаде ќе го најдат својот излез.

Средното образование е важна одлука во животот, многу важна. Таа нè носи на патот кон нашето понатамошно образование или вработување. Затоа и одлуката мора да биде сериозна, промислена и пред сè наша. Наш е животот, наша е иднината и одлуките треба да бидат наши.

 Со одлуката да учиме во училиште само затоа што тоа училиште е на добар глас, стануваме пасивни набљудуавачи на сопствениот живот. Сите сме мамини и татини најмили, но не сите имаме некого што секогаш ќе ни ја отвара вратата пред да дојдеме до неа. Факт е дека не можеме сите да бидеме исти, па затоа и треба да носиме соствени одлуки. Некои училишта од година во година бројат сè помалку ученици, но не затоа што образовните профили се неинтересни и  здодевни, туку затоа што едноставно се отфрлени од младата популација. Искрено сум горда на својата одлука што одбрав да учам во таков профил, техничар за дизајн на облека. Ја сакам уметноста, се пронаоѓам во креирањето, во дизајнирањето. Тоа сум јас. Јас не сум друг. Среќна сум што ќе го учам тоа што го сакам, а не тоа што другите го бараат од мене. Не можам да ја предвидам иднината, но го познавам својот дух и ги почитувам своите желби.

Ме охрабрува сознанието дека имам од кого да учам. Со сиот респект кон наставниците кои умешно го споделуваат своето знаење со нас. Едуцирани луѓе кои имаат  желба да остават трага зад себе. А таа трага сме ние учениците. Со меѓусебна почит и разбирање и самиот воспитно-образовен процес би бил подобар и поефективен.

Стартуваме сите ние, и учениците и наставниците, а стартот како старт ветува нови предизвици и нови искуства. Од сите нас зависи исходот, но пред сè да се обидеме да го дадеме најдоброто од себе, каде и да сме, случајно или намерно, веќе сме таму кај што сме. Како за почеток, добра мисла и убав збор. Нема да погрешиме!