Активирај се | Создадено од вас |

Каква иднина би посакале

Ана Јанева, СОУ „Јане Сандански“ – Струмица

Секој би посакал иднина исполнета со среќа, љубов, пари. Иднина во која низ целиот свет ќе владее мир, ќе престанат воените судири во кои секој ден умираат милиони луѓе, умираат милиони луѓе и од глад, болести, насилство… Вашата иднина ја кроите со сопствените избори. Обидете се од вашата иднина да направите вистинско ремек дело. За да си ја создадете иднината што ја сакате треба да го извлекувате најдоброто од себе, да давате се од себе, доволно да се борите.

Но, понекогаш ќе ве фати страв од неостварени соништа. Во тој случај треба да преземете нешто. Една од најтрагичните црти на човековата природа е дека сите вие бегате од животот. Сите сонувате за некоја волшебна градина на животот од другата страна на хоризонтот, наместо да уживате во денешниот ден. Треба да бидете упорни и да имате голема доза на самодоверба. Морате да верувате дека сте надарени за нешто и да тежнеете кон остварување на своите цели.

Секој човек барем еднаш во својот живот застанува пред нов патоказ. Лево од патоказот се наоѓа пеколот, а десно ужасот. Се прашува каде да продолжи. Бирајќи од тие две зла решава да го избере најтешкото и најнепредвидливото, продолжува право. Онаму каде што нема пат, нема патокази, нема ништо. Таму ја остава својата трага и тргнува во креирање на иднина каква што сака. Секој го може она што го сака, да го живее сонот скриен во пазувите на животот и затоа некогаш седнете на клупата на својот живот и набљудувајте го небото како постојано се менува, а сепак останува исто. Секој секогаш трага по својот пат и секој ја сака својата судбина како најдобрата мелодија на ветрот. Верувајте во својот чекор, не губете ја надежта и додека животот ја пишува својата приказна отворете ги прозорците на својата душа и живејте ја неговата убавина, живејте со визија и со мисла дека радоста сепак ќе дојде до вас. Тежнејте кон создавање на иднина каква што посакувате.

На секој од вас животот ќе му има смисла само ако секоја година, секој месец, секој ден станува се подобар и подобар. Тоа е мојот став кон создавање на иднина каква што сакаме. Треба секогаш да размислувате поинтелигентно, да размислувате за секоја постапка што ја превземате, дали таа ќе се одрази позитивно во вашата мисија за креирање на иднина каква што сакате. За да размислите малку подобро: излезете надвор во текот на ноќта и погледнете околу вас, а потоа и на небото. Тоа е тука милиони години, но вие само неколку. За стотина години тоа уште ќе биде тука, а на вашето име веројатно нема никој да се сеќава. За да бидете запаметени засекогаш, мора да се потрудите многу, бидејќи тоа не доаѓа само од себе. Затоа секогаш стремете се кон создавање на иднина каква што сакате, во која ќе бидете среќни да живеете.