Активирај се | Создадено од вас |

Кои сте вие од другата страна што одлучувате за мене?

feat-img

Тамара Стевковска, трета година, СУГС Гимназија „Јосип Броз Тито“

Ве прашувам бидејќи сакам да знам, а не можам да ве идентификувам и препознаам. Почнав да читам натписи, изјави и пак не открив кои се тие што одлучуваат какво средно или високо образование ни треба.

Можеби не ги препознавам бидејќи очекував тоа да бидат големи експерти за образование. Очекував сигурно и моите професори да кажат нешто за квалитетот на средното образование. Но, најмногу очекував некој и мене да ме праша, бидејќи знам што е убаво и добро во моето средно образование, а што не е. Па нели јас го практикувам секој ден! Прашајте ме… -Дали предавањата ни се добри? -Дали учебниците се јасно напишани? -Дали екстерното треба да се корегира и каде? -Дали знаењето што го добивам е доволно?

А јас ве прашувам вас: -Дали вие што ги носите одлуките за моето образование сте експерти за образование? -Дали имате мислење од моите професори за моето образование? -Зошто никој не ми објаснил кој е бенефитот од мојот модел на образоание?

Можеби вие од другата страна не сакате да знаете што мислам јас. Но, јас сакам да знам што вие мислите за мене и мојата иднина. Некаде прочитав тоа биле институции, одговорни да носат закони. Добро, тогаш ги прашувам тие институции: -Зошто не направивте една презентација која ќе ми одговори на моите прашања? -Зошто не ми дозволите да кажам што мислам за моделот на учење? -Зошто?

Ве прашав се’ што сакам да знам, кои и да сте вие со назив „институции на системот“. Сега очекувам вие да ме прашате мене.
Прашајте ме. Се’ ќе ви одговорам и така ќе бидеме еднакви.