Активирај се | Создадено од вас |

Насилството не е решение – да ги спасиме кучињата!

feat-img

Деа Балкански, СОУ „Свети Кирил и Методиј“- Неготино

Во последно време сè почесто слушаме како животите на голем број кучиња се одземени на најсвиреп начин од страна на луѓето. Нивните безживотни тела испружени на тротоарите и улиците се доказ на бесчувствителноста и свирепоста кај луѓето.

Некој ќе рече дека ваквото однесување е оправдано бидејќи кучињата-скитници претставуваат закана за безбедноста на луѓето. Можам да разберам дека некои луѓе се плашат од нив, како што може да да се плашат и од многу други работи. Но, мислите ли дека со ваквиот чин на масовно труење, кучињата ќе ја научат лекцијата што се обидувате да им ја дадете? Зарем мислите дека тие свесно и намерно повредуваат луѓе?

Доколку едно куче растело во еден дом подобар од студените улици и напуштените паркови, доколку ја добивало потребната љубов и грижа, тоа никогаш не би се свртело против човекот. Кучињата се суштества кои умеат да сакаат, кои знаат да чуваат и да спасуваат човечки животи, кои знаат да развеселуваат, а за возврат не бараат ништо друго освен малку љубов и нежност.

Како голема љубителка на животните, сметам дека постојат многу други начини на кои овој проблем може да се реши без притоа да биде применета сила. Потребни се повеќе прифатилишта за кучиња-скитници. Постојат голем број напуштени објекти кои може да се пренаменат за таа цел. Во нив ќе има вработено ветеринари кои ќе се грижат за здравјето на овие кучиња, а ќе им помагаат волонтери – од деца кои ги обожаваат кучињата до стари осамени лица кои немаат друга разонода во животот. Волонтерите би ги носеле кучињата на прошетка, би ги хранеле и би се грижеле за нивната хигиена. Храната ќе биде обезбедена од недовршените оброци од рестораните, сендвичарите и други објекти, а која најчесто завршува во контејнерите. Љубителите на кучиња овде ќе можат да си посвојат куче по нивна желба и на тој начин ќе се ослободат места за нови кучиња-скитници.

Од друга страна, на оние кои веќе поседуваат кучиња би им порачала добро да се грижат за нив. Да бидат одговорни сопственици и да не ги пуштаат да талкаат сами низ улиците на градот за да не завршат како жртви на човечката грубост.