Активирај се | Создадено од вас |

Поезија израпувана и испеана пред микрофон

feat-img

Исток Улчар, 4-10, СУГС „Јосип Броз Тито“

Знаеме дека видот на поезијата игра голема улога во тоа какво место таа ќе заземе во општество, но и нејзиниот пласман кај публиката игра голема улога. Во нашево модерно општество, поезијата ќе биде многу повеќе слушната или прифатена ако е сервирана во облик на текст од музичка композиција. Рап-музиката, која најмногу се концентрира на текстот од сите останати популарни музички жанрови, веќе одамна има земено голем замав и има извршено големо влијание кај својата публика, која е составена од голем број мои врсници.

Значајни се и текстовите во песните на неколку метал/рок-музички состави кои јас ги познавам. Во стиховите на „Металика“ често се разработува зависноста од наркотици како психолошки процес, а, конкретно, песната „Am I Evil“ ја разбирам како критика на човештвото во целина, поточно, на сето зло кое човекот може да го направи. (Ова го препознавам во последните стихови од рефренот, кои во превод од англиски на македонски значат: „Дали сум зло? Човек сум. Да, сум.“). Стиховите на Брајан Ворнер алијас Мерлин Менсон, на Серџ Танкјан (текстописецот на „System of a Down“) се` почесто насочени кон критикување на негативните општествени процеси. Покрај нивните емотивни стихови, (кои кај Ворнер се доста почести), тие го криткуваат конзумеризмот, слепото верување на луѓето во религиите, па и апатичноста и безволноста на промена на лошите социјални состојби. Во рапот, значаен револуционерен лирицист е Имортал Техник.

Се разбира дека во двата жанра се присутни екстремно неоригиналните текстови со неосновани вулграности, и текстови без поента, но тоа се случува и кај класичната „напишана“ поезија. Сведоци сме на постоењето на неоригинална патетична љубовна поезија која нема никаква идеја (најчесто објавена на блог), освен емоционално празнење на авторот. И сето тоа е во ред, (не може секој да е талентиран, ако воопшто постои талент), се додека неупатената и неинформираната публика почнува тоа да го смета за врвна уметност. Но, тие исти неквалитетни стихови водат до тоа академските кругови да не покажуваат голем интерес кон поезијата израпувана или испеана пред микрофон, во студио.

Според тоа, доаѓаме до точката во која влијанието на поезијата во светот има едно главно позитивно и едно главно негативно разгранување: позитивното е создавањето на револуционерен дух и подобрување за ставовивте кон светот, кое, реално, е многу позастапено во одредени жанрови во музиката (тука не смее да биде изоставен блузот), отколку во стихозбирките; а негативното е создавањето на лоши претстави од страна на публиката кон одредена поезија или литература.