Активирај се | Создадено од вас |

Половина средношколец, половина тениски првак

feat-img

Спортот го поттикнува натпреварувачкиот дух, борбата и ставот цврсто да застанеш по поразот и да се спротивставиш на секој предизвик. Тенисот ме има сменето како човек. Едноставно те учи дека не треба да се предаваш и оптимистички да гледаш на работите во и надовр од теренот. Ова се зборови на Горазд Србљак, ученик во трета година во средното училиште „Алгоритам“ од Скопје.

Како што сите ние имаме хоби или занимација во слободното време, така има и Горазд. Тој игра тенис од седумгодишна возраст. Но, разликата е во тоа што Горазд досега бил многу пати државен првак во разни категории, а од лани почнал да се натпреварува на турнири од светски рамки до 18 години. До сега имал турнири во Мајами, Турција, Русија, Израел, Шведска, Чешка…, а меѓу тенисерите до 18 години, Горазд моментално се наоѓа на 130-тата позиција во светот. Како што вели Србљак, го одбрал тенисот, затоа што надмудрувањето со противникот, борбата и победничкото чувство за него е непроценливо.

– „Белиот“ спорт го отвора видикот кон светот и овозможува многу патувања и нови и егзотични дестинации, запознавање и дружба со луѓе и голем избор на можности во иднина. На првиот тренинг се сеќавам добро бидејќи бев возбуден и беше нешто посебно за мене. Како поминуваше времето и турнирите, се‘ подлабоко навлегував во тенисот и тој стана дел од мене., ни рече Горазд.

gorazd-srljakНегов идол е Рафаел Надал, за кого вели дека е борец на теренот кој гине за секоја топка. Меѓутоа, да се постигнат солидни резултати, а да си средношколец е несомнено тешко, па затоа доаѓа и прашањето дали може да се биде и успешен ученик во исто време. Горазд вели дека за да постигнува добри резултати и на терен и во училиште, во пресерет му излегла неговата гимназија „Алгоритам“.

-Истовремено треба да се тренира и да се постигнува квалитетно образование. Знам дека е тешко да се организира сето тоа, бидејќи и јас сум во таква ситуација. Но, сепак верувам и се надевам дека секој труд и напор ќе се исплати. Секогаш е најдобро да имате повеќе избори и отворени врати во овие години – вели Горазд.

Времето поминато во средно училиште е незаборавно и полно со спомени, барем така мисли и Горазд. Кога ќе се врати од турнирите, тој е уште еден од илјадниците средношколци во Македонија. За средношколските денови, Горазд вели дека се можеби и најубавиот период, зашто како што вели тој, се чувствуваш возрасно, а сепак немаш толку обврски и ангажмани и можеш слободно да се посветиш на своите интереси.

Во врска со тенисот, плановите на Горазд за во иднина се да учествува на еден од четирите јуниорски турнири на Гренд Слем. Во поглед на образованието, Горазд после средно сака да студира на некој од познатите колеџи во Америка, а доколку остварува добри резултати во тенисот во наредните две сезони, сака да продолжи да се натпреварува на високо ниво.

Автор: Антонела Јаки, II година, ПСУ „Алгоритам“ – Скопје