Активирај се | Создадено од вас |

Пороците ги демнат тинејџерите од секој агол

feat-img

Сара Стојановска, СОУ „Гимназија Јосип Броз Тито” – Битола

Тинејџери се млади луѓе, кои не се доволно млади за да бидат деца, ниту доволно созреани за да бидат возрасни.

Тоа е оној преоден период во животот, кога не знаеш кој си, ниту пак знаеш што сакаш да си. Време кога ти се измешани и  мислите и чувствата. Кога не знаеш што да правиш со себе, како да се однесуваш… И покрај тоа, од секаде слушаме дека тинејџерските години се најубавиот период од животот. И можеби е така.

Јас имам 15 години и дел сум од оваа група на луѓе кои го живеат ,,најубавиот период од животот”. Но, дали овој период е навистина толку прекрасен ? Јас не мислам така, бидејќи ова е еден од најопасните периоди од нашите животи. Сега сме најбунтовни, сакаме секогаш да бидеме во право, да пробуваме нови работи, ги прифаќаме сите предизвици кои ќе ни се испречат на патот. Но, дали тие предизвици секогаш ќе ни донесат победа? Некогаш без размислување се впуштаме во некои многу лоши авантури, кои нема да ни донесат убави спомени, а некогаш можат да бидат и фатални за нас и за нашата иднина.

Во овој 21 век, опасностите за младите луѓе демнат од сите страни. Дрога, алкохол, цигари се едни од најголемите пороци на кои младите се потчинуваат. Некогаш тоа го прават за да се вклопат полесно во друштвото, да имаат поголем круг на пријатели, но дали тоа е правилно, дали подоцна нема да се плати скапо ? Никој од нас не размислува за последиците, сите трчаме без размислување кон непознатото, љубопитни сме. Тоа се добри особини, но кога се работи за пороците не е така. Алкохолот, цигарите, дрогата се опасни пороци. Дрогата, како најопасен порок, целосно го уништува човекот, и не само него, туку и целата околина, родителите, пријателите… Дрогата навлегува во организамот и предизвикува зависност.

Во врска со овој проблем на денешницата има голем број на предавања во училиштата, на телевизија, на интернет, се со цел да ја превентираат употребата на наркотици. Но, на истите овие места и дилерите ги поставуваат своите замки. Најчесто преку интернетот се поврзуваат со потенцијалната жртва, кажуваат дека нема ништо лошо еднаш да се проба. Но, секогаш треба да се има на ум дека и еднаш е доволно за да си го уништиме животот.

Ова не значи дека не треба да се дружиме со децата кои конзумираат алкохол, цигари или дрога, напротив треба да се обидеме да ги опоменеме на сите опасности на кои се изложени, да ги посоветуваме да се откажат, бидејќи за тоа служат пријателите. И секогаш, најдобро е пред да се обидеме да направиме нешто со кое не сме доволно запознаени, да се консултираме со некои наши пријатели, со некој повозрасен, со родителите, професорите, со било кој од кого можеме да добиеме совет.  Исто како што љубовта се зголемува кога ја делиме, така и проблемите се намалуваат кога ги споделуваме.