Активирај се | Создадено од вас |

Потребна е стручна интернет-литература

feat-img

Тони Аврамов, професор во гимназијата „Јосиф Јосифовски“ – Гевгелија

Чекорот кон иднината е чекор на прифаќање на неизвесноста и сè она што ќе ја зачини нашата потреба. Но иднината се храни од нашата глад кон знаења, откривања, создавања.

Новите трендови во наставниот процес бараат нови алтернативни решенија во методологијата. Веќе со право може да се рече дека досегашните форми и методи во образовниот процес застаруваат и на сцена доаѓаат нови, современи и напредни. Прашање е колку ние како наставници ги прифаќаме, колку ја нудиме нашата креативност во морето од содржини.

Премногу е индивидуален пристапот на секој наставник кон прифаќањето на новите начини на пренесување на знаењата. Новите информатички технологии што се пред нас некогаш нудат одлични решенија за реализација на наставните часови, но некогаш ги уриваат основните начела на веќе поставената методска единица.
Институциите на системот задолжени за спроведување, но и внесување на иновативни начини на реализација на наставните програми, делумно ги задоволуваат барањата, но во поголем дел има промашувања. Поради фактот што некои наставни програми се изготвени од порано и во нив методологијата за реализација е застарена. Наставникот нема насоки како да ја реализира наставната единица со користење на нови наставни средства.

За учениците поприфатлива е употребата на компјутери, смарт-телефони и од нив црпат веќе изготвени содржини, но прашањето е-што е тоа што навистина треба да биде извор од интернетот како медиум.

Употребата на интернетот на часовите, во последно време, нуди безброј содржини, но сепак сомнителна е веродостојноста на некои од нив. Во овој поглед потребно е создавање стручни или специјализирани веб-страници по соодветни предмети. Многу малку наставници имаат лични блогови со стручни содржини.

Бирото за развој на образованието потребно е да понуди официјални веб-портали од кои, ние и учениците, би користеле содржини. Ако ни се нудат печатени учебници, стручна литература за употреба на часовите тогаш логична е и употреба на електронски содржини, односно официјални, одобрени, интернет страници.
Учениците со задоволство ги прифаќаат новите методи, а факт е дека и полесно ги совладуваат пречките при учењето. Кога би имале соодветен материјал на интернет, побрзо и полесно би го отвориле, отколку печатен медиум.

Автор: Тони Аврамов, професор по македонски јазик и литература, СОУ „Јосиф Јосифовски“ Гевгелија