Активирај се | Создадено од вас |

Потребни ни се алтернативи за социјалниот живот

feat-img

На почетокот на моите тинејџерски денови слушав, но и денес сѐ уште слушам рок и метал музика. Меѓутоа, поради немањето други можности и недостигот од алтернативни сцени за време на ноќниот живот, му „дадов“ шанса на турбофолкот, кој доминира во малкуте ноќни клубови во Велес.

Влегуваш во нив, наоколу полно со твои врснички качени на високи потпетици и нашминкани. Неретко среќаваш и помлади од тебе, деца кои едвај наполниле 13 години. Повеќето од нив се „ложат“ на стиховите како „прву пијем да започне ноч, другу пијем јер ниси више мој“. Покрај тоа што сето ова изгледа патетично, ти доаѓа да ги прашаш: Кој не е твој? Сестра ти ти го украде кадифеното мече или…?

Одговорите на кои наидуваш од другата страна, пак, се дека чашка ракија не оди без Аца Лукас или дека не слуша турбофолк, но тој е супер за забава и пиење.

За мене сето ова изгледа невкусно, но уште повеќе ме вознемирува подемот на турбофолкот и неговото вметнување во поп-културата меѓу младите.

Сметам дека причината поради која овој вид музика е толку навлезен во нашето секојдневие е, пред сè, недостигот од други алтернативи, места и настани од аспект на социјалниот и културниот живот, особено во помалите градови во Македонија. Ваквиот недостиг придонесува младите сѐ повеќе да ја изоставуваат својата индивидуалност, да се „претопат“ и предадат на она што ни се сервира со плеј-листите во кафулињата и во дискотеките, на телевизијата.

Кога почнавме да излегуваме со друштвото не сме имале можност да отидеме, на пример, во кино или на куглање, а ако отидеме, пак, во парк и ако решиме да слушаме нешто различно и пуштиме рок музика, секогаш сме биле етикетирани како наркомани или, што би рекле велешани, „немиени“.

Поради ваквото лепење етикети многумина потпаѓаат под влијание, ја губат својата индивидуалност, го занемаруваат сопствениот идентитет и се обидуваат да бидат прифатени од преостанатите. За да бидеш прифатен, ако си женско треба да се дотераш со кратко здолниште и со високи потпетици, а ако си машко треба да облечеш кошула и сако.

Против турбофолк културата немам ништо против, но имам и право истата да не ја сакам. Во врска со вкусот за музика и како тој влијае на интелигенцијата сум прочитала многу странски истражувања. Турбофолкот не е вклучен во нив, бидејќи повеќето луѓе надвор од Балканот не знаат што е тоа, но затоа негов пандан на Запад е т.н. медиунстрим поп-култура, или народски кажано, песните од изведувачите како Бијонсе, Ријана и други. Резултатите од таквите истражувања покажуваат дека младите чиј вкус за музика е ограничен само на „медиунстримот“ имаат најниско ниво на интелигенција. Целта не ми е да генерализирам или да кажам дека оние што го слушаат овој вид музика се неинтелигентни. Напротив, она што сакам да го истакнам е дека, според мене, во турбофолкот преовладуваат квази љубовни текстови, се промовираат и не толку високи морални вредност и се „убива“ уметничкиот дух. Зошто да не побараме други алтернативи или, ако ништо друго, да ги прифатиме оние кои сакаат нешто поразлично?

Автор: Илина Димовска, ученичка во четврта година во СОУ „Кочо Рацин“, Велес