Активирај се | Создадено од вас |

Што е со детето, што е со тинејџерот?

feat-img

Ана Марија Наумовска, СОУ Гимназија „Јосип Броз – Тито“, Битола

Живееме во време кога светот со децении лебди во море од информации, а секој избира во чии води ќе плива и во што ќе верува. Но каде се децата во целиот овој хаос, каде се тинејџерите? Дали тие ги прегрнуваат ставовите на своите родители и лебдат безбедно без да научат самостојно да пливаат или пак се закотвени од возрасните со цел да не отпливаат предалеку?

Детето за родителите е најважното нешто во нивниот живот, но некои детето не го гледаат како четка која со нетрпение очекува да го наслика своето мислење, туку како платно на кое тие треба да ги отсликаат своите ставови кон светот, кон општеството. А правилно ли е да му даваат привидна, лажна слобода, слобода која е таква само во рамките на она што тие – возрасните сметаат дека е вистински начин на размислување?

Tреба ли да се омаловажува правото на мислење на детето? Може ли ова да биде сфатено во една превртена смисла – дека така треба да биде, дека не треба да се има мислење, особено не онакво какво што не е одобрено од тој што е „над тебе“?

Тинејџерот е една мала птица која, верувајте, иако е млада, сепак е свесна кога ќе се најде самата себе во кафез. Тинејџерите желно сакаат да полетаат и да ја најдат сопствената слобода, како и сопственото место во светот. Општеството треба да е градено од луѓе кои размислуваат и сами го оформуваат сопствениот став. А како ќе се создадат тие луѓе ако не им се дозволи да се развиваат од мали? И зошто кога тие се во борба да го одбранат својот став, возрасниот ги замолчува со реченицата „Што знаеш ти – дете си“?

Не е во ред да велиш дека сакаш да го знаеш тинејџерското мислење, а кога ќе го слушнеш заедно со трепетот во нивниот глас да го омаловажиш истото. Не е слободоумност да ги кудиш децата, тинејџерите, дека треба повеќе да го изразуваат своето мислење бидејќи се работи за нивната иднина, а потоа да ги прекоруваш кога ќе се изјаснат бидејќи се – деца. Не е во ред да зборуваш дека се бориш за слобода, а истовремено да ја уништуваш истата.