Активирај се | Создадено од вас |

Скопје низ моите очи

feat-img

Илија Тоневски III-7, СУГС „Орце Николов“

Клише ли ќе биде да пишувам пак дека нашиот град е исполнет со хулигани и шмизли? Има ли воопшто причина да излегувам од овој шаблон на мејнстримизација? Има ли нешто што остана во нашево Скопје што заслужува да биде пишувано? Имаме ли ние нешто што ќе им раскажуваме на нашите внуци за тоа како било во наше време? Ќе има ли воопшто наше време? Безброј прашања, а ниеден одговор кој ќе го стивне пламенот на љубопитноста.

Каде и да одам слушам дека сите го обвинуваат оштеството. Но едно нешто не разбираат… Ние сме општеството! Ние сме тие што се за обвинување! Градот е полн со празни луѓе. Нема борба на интелкти, нема борба за став, ја нема онаа борба која се водеше низ разговор за широк спектар на идеи.. Со гордост признавам дека живеам во друго време. Копнеам по некои претходни генерации. За време исполнето со квалитетна музика, квалитетни луѓе. Копнеам по време кое не сум го видел. Единствената допирна точка со моето посакувано минато се текстовите на музиката кои ме водат во состојба на долго посакуваната нирвана. Ама еве да кажеме дека сите копнеат по својата претходна генерација. По некои други времиња. По приказни кои сме ги слушале од баба и дедо, од мама и тато. Кога ќе кажеле „еее што убави времиња беа кога со отклучена врата спиевме и не се тресеа нашите после секој чекој направен“. Ќе копнее ли некој по нашата генерација? Ќе ја опишува ли некој розевата боја во нашата генерација?

Од град каде имаше место за се`, освен за грижи се претворивме во темни улици и луѓе со искривени вредности. И не. Немаме право да кажеме дека градот е крив. Дека Скопје се расипа. Дека Скопје се смени. Скопје е исто. Ние се променивме. Ние го променивме. Ние и го губиме. И како огледало на нашите дела се појавуваат маглите. И повторно викаме дека Скопје не гуши. Но не. Маглите се појавија со една цел. Со цел Скопје да ни покаже дека нашиот видик од едно широко поле се претвори во поглед само пред нашиот нос. Дека во овој град се гледаме само себеси. Дека не погледнуваме никој друг. Дека не погледнуваме во далечината, во иднината, во тоа што сме добиле и она што треба да го предадеме понатаму.

Со чаша горчлив пијалок го прославувам моето неприпадништво во ова време и овој град на духови. Град кој е како привид и ги нуди сите можни облици. Град кој ќе ти ја покаже рефлексијата што сакаш да ја видиш, но во моментот кога навистина ќе ти затреба ќе се распадне на илјадници делчиња исто како нивната доверба. Можам ли да се класифицирам како песимист? Сепак не. Разликата е што во тогаш да се биде оптимист и реалист беше многу слична работа, но денес да бидеш песимистот е скоро исто како и да си  реалист.

Избегнувам од темата.. Избегнувам од Скопје. Сакам ли да избегнам од Скопје? Сакам ли да го оставам она што мене ми припаѓа? Од непоправлив патриот на мали години се трудат да ме избркаат… Одам на училиште каде што единствената допирна точка со македонскот јазик и литературата, е фактот дека пишувајќи учам за се` друго овен за оваа моја татковина. Учам за секоја друга култура освен мојата, со цел да се закачам на некоја туѓа јадица и да ме извлечат од ова веќе многу загадено езерце Скопје. Секогаш кога пишувам се трудам моите пишувања да не бидат сфатени како нафрлани реченици без контекст. Но пишувам за Скопје, а драги мои пријатели тоа единственото нешто што остана од нашиот град. Празни ветувања, празни зборови и празно те сакам, расфрлано и извадено од контекст. Ќе го оставам овој текст недопишан, незавршен, без точка, со надеж дека е блиску денот кога ќе ја допишам убавата страна на ова наше Скопје, до тогаш сите ке останеме такви какви што сме криејќи се позади маските на погрешни идоли…

И сега? Се спушта завесата? Па секако дека не! Јас сум од оние луѓе кои сами ќе тргнат да го менуваат општеството, борба каде шансите да успеам се исто толку големи колку што би биле ако пробам сам да се борам против глобалното затоплување. Но nема да престанам. Нема да ги послушам повеќето од професорите па секако понекогаш и моите родители и да седнам и замолчам.Наше е пријатели! Наше е! Какво е такво е, какви сме такви сме, колку сме толку сме, токму сме. Нема да биде воопшто поинаку ако избегаме од Скопје. Ќе не чекаат нови опасности низ нови темни улици низ нови метрополи, но ова е само наше Скопје, наше Скопје каде што можам да прошетам низ центарот на градот и со секој трет да пружам рака и да го прашам – како си пријателе? Наше Скопје, каде што кога ќе стане густо со задоволство ќе потрчаат многу познаници да помогнат со цел нормално да им се врати кога тие ќе бидат во тесно. Да, искривени се вредностите. Но тоа не’ прави посебни! Тоа не’ прави Скопјани. И не, нема да запрам додека не допрам до сите вас, бидејќи на нас е оставено, сами да си ги скроиме приказните за нашите внуци. И не зборам за приказни за тоа кој возел подобра кола или кој излегувал со повеќе пари, не. Сите тие благодети зависат од трудот на нашите родители, тоа што тие направиле, ние сме нивни резултати. Приказни во кои се возвишува лојалноста во најблискиот круг.

Својот град ќе го читате од очите кои ве опкружуваат. Ако околу вас имате пријатели од доверба, тогаш ништо нема да ве спречи во исполнување на вашите цели и живото ке го гледате како една игра. Само Скопје може да не’ научи на својот менталитет. Почестени сме што живееме во мало општество. Единствено нешто што би имале во поголемо општество се поискривени вредности, поголеми опасности. Ние сме на ред да ги спремиме приказните за оние кој ке седат во нашиот скут. Ние сме на ред да покажеме дека и ние ке бидеме генерација која ке се зборува многу долго. Ние сме на ред да покажеме дека и по нашата генерација ке се копнее.

И еве сега доаѓа и мојот крај каде што навистина треба да се спушти завесата. Пробав да објаснам дека не постои вечен тунел. Проблемите што ги имаме денес утре ќе бидат како застарен виц. Пробав да објаснам дека над секој облак има виножито. Дека Скопје е наше, и наше ке остане.Дека Скопје е оставено на нас и ние зависиме од него како што тоа зависи од нас. Пробудете се пријатели, зграпчете го денот кој ви е даден и направете го вашиот живот и вашето време спектакуларно.