d

The Point Newsletter

Sed ut perspiciatis unde omnis iste natus error.

Follow Point

Begin typing your search above and press return to search. Press Esc to cancel.
tamara-kupeva

Слободата нека биде твојот избор

Тамара Ќупева, професорка во СУГС Гимназија „Орце Николов“ – Скопје

Да! Тежок е патот до слободата кога живееш во свет на правила. Уште потешко е  да му ги носиш на светот своите идеи, ако тие се поинакви, поразлични, нови.

Да! Не е лесно да си млад во време на предизвици. Во време кога твоето единствено и автентично „јас“ треба да се бори со ветерниците на општеството кое се обидува да те обликува по однапред утврдниот терк. Да те присвои и да те направи „ист“.  Тогаш започнува твојата битка. Твојата лична мисија. Тогаш кога ќе разбереш дека промените започнуваат од ТЕБЕ. И дека не си сам на тој пат. И дека си дел од генерацијата која носи пролет во своите дела. Посветеноста, храброста и верноста во идеите за подобар свет треба да бидат твојот избор. Ти и твојата генерација сте креатори на светот, затоа што само ЗАЕДНО сте неговата иднина. Вие го создавате времето во коешто ќе живеете и творите.

Бидете СВОИ и имајте СТАВ! Борете се за своите идеали. Не вовлекувајте се во девизата дека „патот до промените е премногу тежок“. Младоста и храброста имаат едно исто значење. Имате ретка привилегија да живеете во отворен свет, во нови креативни простори во кои можете слободно да ги обликувате своите мислења. Своите ставови. Никогаш не заборавајте дека со себе ја носите својата посебност и дека ВИЕ сте поинаква генерација од претходните.

Ако вашите идеи се обликуваат со аргументите и вистината, тогаш не запирајте!  Тогаш кога вашите дела стануваат вредност, вие станувате пример за својата генерација. И за оние кои ќе дојдат по вас. И никој нема право да ве запира на тој пат.  Слободата нека биде вашиот избор. Слобода на срцето, на мислата, на зборот. Слобода на изборот. Вие треба да одлучите кој идеал ја заслужува вашата храброст. Вас и вашето неповторливо ЈАС!

Секоја генерација води некоја своја битка. Вие ја водите вашата. Колку и да е потешка од таа на вашите претходници, не заборавајте да останете исправени и подготовени, јасно и гласно да одговорите на хамлетовското прашање: Да се биде или не! СЕГА!