Активирај се | Создадено од вас |

Социјални мрежи за десоцијализирање и технологија за хендикепирање?

Ивана Вичентијевиќ, СОУ „Богданци“, Богданци

Денес технологијата е насекаде. Сите имаме, ако не друго, барем телефони во нашите раце. Секако, апсурдно е да се замисли денешниот живот без телефон или било кој друг електронски уред. Но, дали технологијата колку што ни помага толку повеќе и не заробува? Дефинитивно ДА.

Седам во кафуле со моите другарки и секако кафето не смее да се испие се додека не биде сликано и објавено на социјалните мрежи. Но, не завршува само со сликањето. И понатамошната дружба е заснована на држење на телефонот во рака и пребарување по социјалните мрежи. Нема никаков муабет ниту дискусија. Луѓето се отуѓуваат едни од други. Бегаат од сегашноста и живеат во свои вируелни светови. Не знам зошто воопшто и социјалните мрежи се нарекуваат социјални мрежи кога само помагаат во десоцијализирање на луѓето и психичко хендикепирање. Никој веќе не знае вистински да ужива, вистински да биде среќен и вистински да ги доживува нештата.

Исто така, технологијата не води и кон умствен хендикеп. Човечкиот ум е направен да собира информации, да анализира и да носи заклучоци од тоа. Технологијата може да помогне само во првата фаза – собирањето на информации. Но, со погрешно користење, кое повеќето и го прават, доведува до закржлавување на мозокот. Google, Yahoo и другите пребарувачи се само библиотека на податоци, а немаат способност да ги анализираат и синтетизираат тие податоци наместо нас. Таа способност ја има нашиот ум кој треба максимално да биде искористуван. Тој е како машина која доколку ја запоставиме и ја тргнеме на страна ќе биде зафатена од ‘рѓа која ќе ја онеспособи машината.

Децата во фаза на развој половина од своето време го поминуваат пред компјутер, телевизор или на телфон. Физичка активност речиси и не постои. Тоа е како непознат поим за денешните генерации. Деформитетите на ‘рбетот, ослабувањето на видот и неправилниот развој на скоро секој дел од телото се секојдневие. Стапката на заболени од тумор на мозокот секојдневно расте и исто така се повеќе се потврдува и хипотезата дека главен причинител за тоа е зрачењето на телефоните. И сите, повторно, седиме удобно во нашата неудобност пред компјутерот или со телефонот во рака заробени во кафезот на технологијата која го уништува нашето здравје.

И, ако некој ме праша дали сум против технологијата ќе одговорам дека не сум доколку се користи правилно. А, ако ме прашаат дали сум против денешниот начин на користење на технологијата дефинитивно ќе одговорам со едно огромно ДА.