Активирај се | Создадено од вас |

Учебниците да бидат во чекор со промените

feat-img

Светот се менува, технологијата напредува, се пронаоѓаат нови теории во науката, но она што не се менува се нашите учебници. Во учебниците, од кои голем дел се напишани пред повеќе од пет години, содржини застаруваат.

Но ние мораме да ги учиме напишаните информации во нив ако сакаме подобри резултати на тестовите и повисоки оценки. Меѓутоа, со такви застарени содржини не може да се добие вистинска слика за моменталните состојби во светот и да се фати чекор со времето во кое живееме.

Проблемите со учебниците не завршуваат овде. Тука се и погрешните податоци, правописните грешки и нејасните дефиниции. Кај повеќето наставни предмети, на пример, учениците сретнуваат поими кои се сложени и не се јасни, наместо да бидат објаснети со адаптиран речник.

Исто така, учебниците, пред сѐ оние по општествените предмети, треба да понудат содржини кои ќе го поттикнат ученикот критички да размислува и да оформи свој личен став за одредени прашања. Наспроти тоа, по одредени предмети во книгите е дадено само едно гледиште кое му се наметнува на ученикот како единствено точно. Некои дури наметнуваат и ставови засновани на стереотипи од кои може да креираме само предрасуди.

Ако треба да се образуваме во личности кои критички ќе размислуваат, тогаш неопходни ни се различни гледишта за едно прашање.

Обемноста на наставниот материјал е друга приказна. Натрупан е со непотребни содржини. На пример, во нашата моментална програма имаме тринаесет предмети. Знаете ли како изгледа тоа?!

За предметите како што се хемија, физика, математика се потребни поголем простор и време, повеќе примери и задачи, поголема практика. Треба да знаеме тоа што го учиме и да го примениме.

Неопходно е да се направат промени во образованието, реформи во програмите кои ќе бидат засновани на она што навистина ни е потребно и кои ќе нѐ доближат до светот и промените кои се случуваат надвор од училниците.

Теодора Тодорова, втора година во СУГС Гимназија „Орце Николов“, Скопје