d

The Point Newsletter

Sed ut perspiciatis unde omnis iste natus error.

Follow Point

Begin typing your search above and press return to search. Press Esc to cancel.
Maja Orce jmv

Во чест на пасивноста и мртвиот дух

Кога ќе престане ова масовно погубување на креативноста и на индивидуалноста? Кога ќе престане оваа тортура врз личниот став? Кога ќе престанам да ги слушам болните крици на овој наш образовен систем?

Овие прашања се заробени помеѓу моите мисли секој ден. Се прашувам дали некој е загрижен за состојбата во која сме потонати ние – младината и иднината на Македонија. Со образовен систем кој на секој начин се обидува да ја убие креативноста и да го задуши секој обид за изразување на сопственото гледиште, различно од другите, ние генерално сме претворени во пасивна генерација. Генерација која гледа поголема шанса за просперитет и личен успех на другата страна на светот, додека во меѓувреме бара начини за успешно да се избори со апсурдите на овој „современ“ воспитно-образовен систем.

Ние сме генерација која е западната во длабок општествен сон поради паролата која е врежана во умот на моите врсници: „Не ми е гајле што се случува во нашето општество, за две години и така ќе бидам во странство“.

Велат, имаме право на слобода на говор, но кога ќе се обидеме гласно да зборуваме за нашите проблеми, очајно обидувајќи се да промениме нешто, полни со ентузијазам, тогаш добиваме етикети како „нечии“ војници, како дел од политичка партија итн.

А всушност, ние младите сме симпатизери единствено на слободната мисла. Поборници за слобода и промена на она што нам ни е најважно, а тоа е образованието.

Поради недостатоците на „ефикасните“ десетгодишни планови за подобро образование, ние се претворивме во апатични, пасивни и игнорантни суштества на кои најважна им е оценката во дневник, а не знаењето. Со застарени методи го живееме дваесет и првиот век. Денешните генерации во средношколските клупи, на пример, се образуваат со истите лектири од пред многу години. Зарем не треба рака под рака со времето да одиме и ние? Кога? Кога ќе се промени ова?

Се надевам еден ден ќе го достигнеме она ниво на кое велат дека сме, а всушност не сме, па така ќе го стигнеме посакуваното современо општество. А дотогаш, ќе се бориме за подобро утре преку единственото оружје кое го имаме – зборовите.

А ако и јас не успеам, тогаш ќе морам и јас да ѝ кажам збогум на мојата татковина.

АВТОР: Маја Петревска, трета година во СУГС Гимназија „Орце Николов“ – Скопје