Активирај се | Создадено од вас |

Во какво училиште учам, а во какво би сакала да учам?

feat-img

Михаела Неделковска, ученичка во СУГС „Никола Карев“, Скопје

Секоја индивидуа има различни очекувања за средното училиште и неговите придонеси кон неа. Според мене, секој има свои критериуми за упис во едно училиште. Можам да кажам дека нам на прво место ни се изгледот на училиштето или колективот на професори на даденото средно училиште, но би излажала.

Реалноста е дека мнозинство од мојата генерација го прави тој избор врз основа на социјалниот статус на едно училиште. Да се надоврзам, социјален статус во овој случај би значело каква е дружбата во тоа училиште, колку наши пријатели веќе го посетуваат тоа училиште или планираат да го посетуваат. Но секако дека ова варира од една личност до друга, сите имаат различни искуства. За мене најважни беа околината, позитивноста на учениците, професорите, вработените. Со сигурност можам да кажам дека одвај чекав да седнам во училишните клупи и да се стекнам со нови знаења, нови пријателства и познанства. Ми се допаѓа моето училиште и одговорот на прашањето: „Во какво училиште би сакала да учам“, би рекла дека токму моето е она во кое би сакала да учам. Исполнето со смеа, дружба, знаења, наука… Сè што би требало да биде дел од средношколското искуство.

Но секогаш знаеме дека може подобро. Мене, искрено, ми пречи големината на класовите, т.е. бројот на ученици во класот. Училиштата треба да се фокусираат на квалитет, а помалку на квантитет. Мислам дека секој наставник би работел многу полесно и подобро со бројка од петнаесетина до дваесет ученици. Исто така, многу од нашите лекции и наставни содржини се сосема непотребни и не би можела да најдам ситуација во која мене или на моите соученици во иднина би ни биле потребни тие информации. Зошто да се претрупуваме со непотребни информации кога може многу повеќе да научиме за работи што ни се потребни во секојдневието? Најлесно и најбрзо се учи со практика. Би сакала да видам посовремени и модерни техники на учење и совладување на дадениот материјал. На пример, учење преку игри, часови надвор од училишните клупи, со многу посети на театри, музеи, настава во природа… Секогаш ќе постојат сектори во кои едно училиште може да се унапреди. Мислам дека тоа му недостига на нашето образование. Треба да се преземат мерки учениците да не го гледаат учењето како тешка обврска, туку како на интересен начин да го поминуваат своето време во и надвор од училишните клупи, а притоа да учат, да се воспитуваат и надградуваат.