Активирај се | Создадено од вас |

Време е за медиумско описменување на учениците

feat-img

Александра Теменугова, Висока школа за новинарство и за односи со јавноста и раководителка на проектот „Коалиција за медиумска писменост“

Јас доаѓам од високообразовна институција на која се учи новинарство. Со моите колеги силно веруваме дека е неопходно и публиката да знае како се прават вести и каква е реалноста којашто ни ја претставуваат медиумите. Последниве 7-8 години, а особено во изминатите 17 месеци со поддршката од Европската Унија работиме на унапредување на медиумската писменост кај средношколците, бидејќи сметаме дека е од исклучително значење младите да знаат како критички да им пристапуваат на информациите.

Се обидуваме тоа да направиме преку Медиумските лаборатории кои ги организираме во средните училишта на кои со учениците дискутираме како се раѓаат и пишуваат вестите. На овие интерактивни часови кои ги држиме со колегите од „Нова Македонија“, но и преку њњњ.медиум.еду.мк, ги охрабруваме младите да се изразуваат, да пишуваат и да бидат активни граѓани. И овој весник кој сега го читате е резултат на тие напори.

Сето ова го правиме за да ја пополниме празнината во образовниот систем за развивање вештини и знаења за деконструкција на вестите. Ниту во Националната стратегија за образование 2016-2020, ниту во Стратешкиот план за образование 2017-2019 при Министерството за образование, не се споменува поимот „медиумска писменост“. Најблиску до него е поимот „дигитална писменост“, укажувајќи на интенцијата за примена на информатичко-компјутерските технологии во образованието преку воспоставување портал за е-учење и систем за управување со учењето, како и континуирана обука на наставниците за користење нови технологии како алатки во образованието.

Но употребата на компјутерите во 30 отсто од наставата не значи дека креираме медиумски писмени граѓани (иако и ова е спорно, оти истражувањето покажа клучни недостатоци во примената на оваа законска одредба: нема Интернет во сите училници, нема доволно компјутери, најчесто училиштата имаат еден кабинет за чијашто употреба, како што рекоа дел од наставниците, „треба да закажат две-три недели однапред за да го користат“, има проблеми со нередовно сервисирање на мрежите…). Со нашите посети во училиштата гледаме дека и на самите професори им се неопходни обуки за медиумска писменост. Ретки се оние професори ентузијасти кои сакаат да направат весник, училиштен сајт или некој медиумски производ и како што велат, ова најчесто се случува во рамките на проектните активности за драма, за литература, и тоа како изборни, а не задолжителни предмети. Делови од различни аспекти на медиумската писменост се третираат само во околу десетина предмети (Македонски јазик и литература, Социологија, Информатика, Етика, Граѓанска култура, Ликовна уметност, Педагогија), што апсолутно не е доволно. На професорите им требаат наставни часови на кои ќе дискутираат со учениците како медиумските содржини влијаат врз нив, како да им пристапуваат, кому да веруваат, а кому не и зошто.

Од она што го гледаме во училиштата е дека се созреани условите за промена на наставните програми не само во средното, туку и во основното образование. Но знаеме и дека тоа не е едноставна работа. Тоа подразбира еден сеопфатен и добро испланиран процес, кој треба да го води пред сѐ Бирото за развој на образованието и во консултација со другите институции, граѓански и медиумски организации.