Активирај се | Создадено од вас |

Желбата за заминување – најболно сеќавање за средношколските денови

feat-img

Ана Николовска, СУГС „Георги Димитров“ – Скопје

Велат дека средношколските денови биле најубави. Нешто на кое се навраќаш со носталгична насмевка и со по некоја солза. Измешани чувства од радост и тага по време кое одамна поминало, по време кое не се враќа. Еве ме и мене, пред крајот на моето средно образование. Се подготвувам за матура. По што ќе се сеќавам на средното образование? Во глава засекогаш ќе ми остане ѕвонливата смеа низ ходниците и џагорот во училниците, негодувањата поради ненајавеното испрашување, револтот од однесувањето на некој професор, исчекувањето на резултатите од тестовите, инспиративните професори кои давале мотивација да го надминеш својот максимум, да се надминеш себеси, дискусиите на часовите…

Последнава година, пак, можеби најчестото прашање беше „Каде по средно?“. Многумина одговараа дека не се сигурни, а имаше и деца кои цврсто се држеа до своите желби и беа убедени во тоа што сакаат да го прават. Но на прашањето дали планираат да студираат тука или во странство повеќето беа со исто размислување. Одговараа како себеси се гледаат некаде надвор. И разбирливо. Не ја гледаат својата иднина тука. Во исчекување се на своето заминување. Зборуваа за реализираните амбиции, постигнатите успеси, зборуваа за сѐ она што немаат можност да бидат тука.

Ете ова ќе биде уште нешто по што ќе го паметам завршувањето на средното образование. Ова е најболната точка на моето сеќавање на средношколските денови. Најтежок ќе биде септември, кога ќе сфатам дека голем дел од моите другари и другарки од клупите се километри и километри оддалечени од мене. Секако дека се радувам за нив и оти им ја посакувам целата среќа на овој свет, затоа што тие тоа и го заслужуваат. Но боли. Боли, бидејќи она што го сакаат не им е овозможено тука, не можат да го направат тука. Боли, бидејќи ќе бидат оддалечени од семејството, од најблиските, од домот. Ме боли и помислата на тукашната ситуација – општество без младина. Општество во чија иднина не се гледаат млади луѓе, не се задржуваат нови интелектуални генерации.