Јас сум медиум
{module 103} |
Улогата на новинарите во општеството
-
Во Уставот на РМ се гарантира слободата на јавното изразување на мислата, на говорот, јавното информирање и слободното основање на институции за јавно информирање.
-
Граѓаните треба да се информирани, а должност на новинарите е да им обезбедат точна информација, од најсоодветен извор и да известуваат непристрасно, без надворешни влијанија.
-
Новинарите ја претставуваат јавноста и се противтежа на властите и другите влијателни групи во општеството. Тие ги набљудуваат центрите на моќ во државата, јавно ги критикуваат и овозможуваат да се најде решение за некое прашање.
-
Новинарите им се верни на граѓаните, им даваат глас на безгласните групи и обезбедуваат услови во кои мнозинството не може да ги повредува правата на малцинствата.
Што е новинарот?
„Работата на новинарите е да им го прават животот пријатен на
оние со проблеми и да им го прават проблематичен
на оние на кои им е удобно“
- Финли Питер Дјун, американски писател
- Новинарите ги прибираат и селектираат информациите, ја одредуваат нивната вредност и веродостојност и ги објавуваат во јавноста.
- Првата и најважна должност на новинарите е вистината. Новинарските приказни мора да се точни. Затоа новинарите треба секогаш да ги видат настаните со свои очи и да ги добијат информациите од прва рака.
- Новинарите треба да известуваат фер и сеопфатно и да ја имаат приказната од сите страни.
- Новинарите ги претставуваат информациите урамнотежено, не треба да се наклонети кон една или друга страна. Тие треба да се неутрални и да се држат настрана од луѓето и настаните за коишто известуваат.
- Новинарите не ги мешаат фактите со мислењата или со гласините. Новинарскиот текст треба да содржи различни мислења, да е напишан пристојно, без навреди и да ја почитува приватноста на луѓето.
И јас сум медиум
- Социјалните медиуми ја проширија слободата на изразување на мнозинството луѓе. Секој може да зеде фотоапарат или камера, да каже и покаже што се случува и така да произведе информација, што лесно ќе ја испрати преку социјалните мрежи.
- Тоа што некогаш се појавуваше на насловните страници беше избор исклучиво на уредниците новинари. Денес можеш сам да уредуваш твој профил, блог или страница, ти да го направиш изборот и редоследот на информациите и да ги испратиш до стотици или илјадници посетителите на профилот, блогот односно страницата.
- Снимањето, монтажата и дистрибуцијата на видеото некогаш им припаѓале единствено на големите медиуми. Единствено тие, преку нивните снимки, го креираа мислењето кај публиката. Денес видеото е во рацете на публиката и таа може да ги креира мислењето на другите преку сопствените веб страници или блогови.
- Некогаш информациите се пренесуваа по вертикален пат, од централизираните медиумски системи до граѓаните. Сега има хоризонтален проток на информации, од граѓанин до граѓанин.
- Некогаш немаше можност за интеракција со публиката. Денес има активна публика, која не сака само да седи и прима информации, туку да учествува, дебатира, креира, комуницира, разменува.
Што е медиумски вреден настан?
- Новинарството е професија на љубопитството, па затоа новинарите често (се) (рас)прашуваат, разговараат и слушаат, зашто вестите се насекаде околу нас.
- Новинарите трагаат по нешто што е ново.
- Новинарите секогаш се прашуваат колку одреден настан допира до, се однесува на и влијае врз публиката.
- Без исклучок се известува кога има драма и конфликт.
- Луѓето ги интересираат човечки приказни од секојдневниот живот.
- Новинарите известуваат за локалните настани, зашто секогаш имаат поширока димензија, но и за големите настани, зашто влијаат врз животот на обичните луѓе.
- Приказните за славните се секогаш медиумски настан.
Вест е…
„Вест е сé што ќе го натера читателот да рече: ’А бе ајде’.”
- Артур Мекjуaн, долгогодишен уредник
Шест карактеристики на веста:
- Новост. Секогаш сакаме да дознаеме што е најново. Она што се случува денеска е поважно од тоа што се случило вчера.
- Влијание. Колку повеќе луѓе се засегнати од една информација, толку повеќе таа заслужува да се објави (природни катастрофи, несреќи, смрт, болести и слично).
- Блискост. Колку информацијата се однесува на настан или појава поблиску до нас, толку повеќе таа вреди да се објави. Близината не се однесува само на нешто што е физички или географски блиску. Луѓето се чувствуваат поврзани со оние кои се слични на нив и со кои имаат заеднички интереси.
- Истакнатост. Имињата прават вести. Информациите што се однесуваат на познати јавни личности привлекуваат повеќе внимание отколку вестите за непознати личности.
- Необичност. Ако нешто те натера да застанеш и да се загледаш, да се чудиш и извикуваш, тогаш знај дека она што го гледаш е вредно да стане вест.
- Конфликт. Конфликтните настани и состојби секогаш привлекуваат големо внимание (војни, протести, штрајкови, тепачки и слично). Овде спаѓаат и внатрешните конфликти на човекот (на пример, жена што се обидува да го издржува семејството со 3.000 денари месечно).
Веста е секогаш насекаде околу нас. Затоа разговарај, прашувај, слушај.
Совети:
- Внимателно набљудувај околу себе. Секогаш имај широко отворени очи, прашувај се себеси што се случува, кого го засега тоа и зошто. Откривај го важното, интересното, необичното.
- Разговарај со луѓето. Комуницирај со многу и со различни луѓе. Прашувај ги за нивното искуство, животни приказни, мислења, интереси…
- Ако некој каже нешто, прашај ги и другите засеганти со настанот/појавата што мислат од нивен аспект.
- Излези надвор. Оди на местото на случувањето.
- Читај внимателно. Следи ги весниците. Објавените приказни „кријат“ нови приказни. Прашај се: „А што ако било поинаку?“.
- Проверувај во списанијата, каталозите и огласите. Во нив ќе најдеш луѓе, места, услуги што заслужуваат приказна.
- Пребарувај на Интернет. Ќе најдеш многу информации и прашувај се како е кај нас. Провери го истото на терен.
- Отфрли ги блокадите и фиксациите во мислењето. Избегнувај ги стереотипите и предрасудите.
- Бидете упорни, љубопитни и храбри.