Јас новинар |

Пишување

Како пишуваат новинарите?


ПРАВИЛО: НАЈВАЖНОТО НАПРЕД!

(најважното е новото, она што засега најмногу луѓе, што е најблиску со публиката, што е поврзано со истакнати личности, што е конфликтно или необично)

   Како пишуваат новинарите?

  ПРАВИЛО: НАЈВАЖНОТО НАПРЕД!
  (најважното е новото, она што засега најмногу луѓе, што е најблиску со публиката, што е поврзано со истакнати личности, што е конфликтно или необично)
  Структура на текстот:

  1. Лид – глава на веста. Тоа е првата реченица во приказната. Кога се пишува лидот, треба да се внимава на основното правило – најважното напред! Прашајте се што е    најважното, најуникатното (единствено) или најинтересно во настанот. Лидот треба да ја даде суштината на приказната и да го задржи вниманието на публиката.

  2. Поддржувачки факти. Ако во лидот со една реченица се објаснува најважното, со поддржувачките факти се дообјаснуваат и опишуваат најважните работи. Со нив се   разгранува структурата на приказната.

  3. Парафраза/атрибуција. Се` што е неоспорен и очигледен факт мора да се атрибуира. Фактите се пренесуваат во парафрази.

  4. Цитат. Во цитатот се пренесуваат исказите на луѓето. Тие даваат живост и автентичност, тие се драматуршки елемент што секогаш го привлекуваат вниманието на публиката. Затоа во цитатите пренесуваме мислења, емоции, ставови, а не факти и информации. Фактите напишете ги во текстот, а во цитатите пренесете ги емотивните искази. Исказите треба да се куси.

  5. Заднина (бекграунд). Овде се опишуваат настаните и појавите што и претходеле на актуелната вест. Луѓето не ги следат и не се запознаени со сите настани. Заднината ќе им овозможи брзо и лесно да се запознаат и вклучат во настанот и така едноставно и лесно да ја разберат приказната и што е новото во неа.
  6. Секундарна тема. Тоа не е неопходен, но може да биде важен елемент на приказната. Една приказна отвора многу други, па со секундарната тема навестуваме што би   можело да се разработува во некоја следна приказна, можеби уште утре. Така се предизвикува љубопитство и очекување кај публиката.

ПРИНЦИП „ШЕСТ ПРАШАЊА“  ЗАПОМНИ: НЕМА НОВИНАРСКИ ТРУД БЕЗ ОДГОВАРАЊЕ НА 6-ТЕ ПРАШАЊА!

 Текстот не треба да е напишан со таксативно одговарање на прашањата, ниту треба да се запазува наведениот редослед, но шестте прашања мора да се одговорат.
 ШТО им се случило на луѓето или што воопшто се случило
 КОЈ е учесник или вршител на дејствие? На пример: убиец, предизвикувач на сообраќајка, жртва, сведоци на настан
 КОГА се случило? Време на случување и време колку трае(л) настанот. На пример: денес, вчера, попладне, синоќа, на полноќ, еден час, пет дена…
 КАДЕ се случил настанот? Лоцирај го што попрецизно местото на настанот.
 КАКО се случил и се одвивал настанот? Опис на дејствието.
 ЗОШТО? Барај ги причините за настанот! Зад одреден развој на некоја последица, треба да постои некоја причина.

Јазикот во медиумите

  • Новинарските приказни допираат до илјадници луѓе со различен социјален статус, ниво на образование и јазична култура. Но, секој од нив треба лесно и брзо да ги разбере. Затоа текстовите за медиумите се пишуваат јасно и кратко.
  • Не употребувајте странски зборови. Зборовите „дил“, „константен“, „елаборира“, „интеретнички“, „релации“ и „релевантно“ можат едноставно да се преведат како договор, постојан, објаснува, меѓуетнички, односи и битно.
  • Не употребувајте фигуративни и жаргонски изрази и административен јазик. Наместо „Жалбата има карактер на итност“ кажете „Жалбата е итна“, наместо „Владата даде зелено светло“ „Владата донесе мерки“, наместо финансиски средства кажете пари.
  • Употребувајте кратки фрази и реченици. Сложените реченици се тешки за следење и разбирање. Секогаш кога може една сложена реченица поделете ја на две или повеќе едноставни реченици.
  • Употребувајте зборови со неутрално значење, пред се од етички причини. Велиме зависник од дрога, а не наркоман, хендикепиран, а не инвалид, хомосексуалец, а не педер, Албанец, а не Шиптар, Македонец, а не Славомакедонец и друго.

   ПИШУВАЈ КАКО ШТО ЗБОРУВАШ!

   АКТИВНА ФОРМА. Прашувај: Кој што направил?

Погрешно: Песната „Т`га за југ“ ќе биде прочитана од
актерката Валентина Божиновска.
Правилно: Актерката Валентина Божиновска ќе ја прочита
песната „Т`га за југ“.
Погрешно: Патничкиот авион бил удрен од еден помал,
приватен авион по што се запалил.
Правилно: Патничкиот авион се запалил откако во него
удрил еден помал приватен авион.
Погрешно: Си го одзема животот.
Правилно: Се самоуби.

   СЕГАШНО ВРЕМЕ. Оставате впечаток кај публиката дека тоа што го гледа, слуша или чита се случува во моментот и дека е сведок/учесник на настанот, што ја привлекува да ја      проследи приказната до крај.

Погрешно: Муратовски рече дека преговорите ќе продолжат утре.
Правилно: Муратовски вели дека преговорите продолжуваат утре.

   Сегашно време, но внимателно!

Погрешно: Автомобилот се превртува од мостот и паѓа во реката.
Правилно: Автомобилот паднал во реката откако се превртел од мостот.
Погрешно: Возачите на камиони кои штрајкуваат се уште
одлучуваат кога ќе се вратат на работа.
Правилно: Возачите на камиони кои штрајкуваат се уште
не одлучиле кога ќе се вратат на работа.

   ЕДНА РЕЧЕНИЦА – ЕДНА ИДЕЈА

Погрешно: Трпе Милошевски, кој беше избран за градоначалник со
најголем број гласови во историјата на градот Битола,
денеска ќе одржи пристапен говор.
Правилно: Новиот градоначалник на Битола,
Трпе Милошовски денеска ќе одржи пристапен говор.
Милошовски е избран за градоначалник со досега најголем број гласови.

   Правило: подмет – прирок – предмет

Шана шие на машина.
Симе меси леб.

   Правило: Не се враќај назад во реченицата

Погрешно: Сиромаштијата и невработеноста се двата најголеми
проблеми на македонските граѓани.
Правилно: Двата најголеми проблеми на македонските граѓани
се сиромаштијата и невработеноста.

  ЦИТИРАЊЕ: ИНДИРЕКТНО

Погрешно: „Не го потпишувам законот се додека не биде променет спорниот член“,
изјави претседателот Црвенковски.
Правилно: Претседателот Црвенковски вели дека не го потпишува законот
се додека не се промени спорниот член.

   Правило: „Кој“ рекол пред „што“ реко

Погрешно: „Ќе победам на изборите“, рече денеска Трпе Милошевски.
Правилно: Трпе Милошевски вели дека ќе победи на изборите.

   ТИТУЛИТЕ ПРЕД ИМИЊАТА

Погрешно: Славе Петровски, познат банкар од Скопје,
денеска е именуван за гувернер на Народната банка.
Правилно: Познатиот банкар од Скопје Славе Петровски е
именуван денеска за гувернер на Народната банка.

Погрешно: Блерим Љутвиу, познат фудбалер од Тетово,
денеска е именуван за претседател на клубот „Вардар“.
Правилно: Познатиот фудбалер од Тетово Блерим Љутвиу
од денеска е претседател на клубот „Вардар“.

    ПРЕСМЕТУВАЈ ГИ БРОЈКИТЕ И ДОБЛИЖИ ГИ МЕСТОТО, ВРЕМЕТО И ДАТУМОТ

Погрешно: Оваа година од Македонија се извезени 21.170.000 литри вино
во земјите на Европската унија додека минатата година
извозот на вино изнесувал 40.235.000 литри.
Правилно: Извозот на македонското вино во Европската унија е преполовен.
За разлика од ланските 40 милиони литри, годинава се извезени само 21 милион.
Погрешно: Индустриското производство во ноември забележало
намалување за 49,50% во однос на октомври.
Правилно: Индустриското производство во ноември е преполовено.
Споредено со октомври, во ноември производството е намалено за 50 проценти.
Погрешно: На булевар АВНОЈ број 50/2
Правилно: Веднаш до супермаркетот Веро во населбата Аеродром
Погрешно: Груевски и Ахмети ќе се сретнат утре во 17 часот и 30 минути.
Правилно: Груевски и Ахмети ќе се сретнат утре попладне.
Погрешно: Бред Пит доаѓа во Скопје на 11 ноември оваа година.
Правилно: Бред Пит доаѓа во Скопје идниот викенд.

Пишување за веб

     За да научиш да пишуваш на веб, дознај к aкo се чита на Интернет.

  • Интернет читателите нe се трпеливи. Пребаруваат брзи и лесни за читање инфо делови. 79% од читателите прво скенираат, одат од клучен до клучен збор, па после читаат. Само 16% почнуваат да читаат од почеток.
  • Читањето од компјутерски екран е за 25% побавно отколку од хартија. Резолуцијата на екраните е се уште со полош квалитет во споредба со хартијата.
  • Затоа содржината на веб треба да биде барем за половина пократка отколку нејзината верзија за принт.

      Правило: Пишувај кратко, брзо и јасно

  • Пишувај едноставно, со куси реченици. Ослободи се од непотребни и „тешки“ зборови. Избегнувај фрази од типот „како што реков претходно“.
  • Почетниот параграф директно ги кажува најважните и најновите моменти. Испорачај ја веста на почетокот за да го задржиш вниманието на читателите Не ги „криј“ важните работи во средината на текстот.
Правилно:

Американската пејачка Бијонсе на својот сопруг, раперот Џеј Зи, му го купи
најбрзиот автомобил на светот „Бугати вејрон гранд спорт“. Подарокот, за кој
сонуваат многумина, е по повод 41-от роденден на раперот и чини два милиона
долари.

Бијонсе морала да чека една година за да и ја испорачаат оваа верзија која е
направена во ограничена серија од 150 примероци и која достигнува брзина од
430 километри.

Се разбира, Џеј Зи бил воодушевен од подарокот кој само ќе ја надополни
неговата колекција на луксузни автомобили во кој, меѓу другите се наоѓаат и
„Мајбах 62С“, „Ферари Е430 спајдер“ и „Пагани зонда“.

Инаку, Бијонсе и Џеј Зи се една од најмоќните двојки во шоу бизнисот.

Погрешно:

Бијонсе и Џеј Зи се една од најмоќните двојки во шоу бизнисот. Бијонсе мора да
чека една година за да и ја испорачаат специјалната верзија на автомобилот
„Бугати вејрон гранд спорт“,  која е направена во ограничена серија од 150
примероци и која достигнува брзина од 430 километри, за да го поклони
автомобилот на својот сопруг.

Подарокот за сопругот на Бјонси, инаку, раперот Џеј Зи е по повод неговиот 41
роденден. Се разбира, Џеј Зи бил воодушевен од подарокот кој само ќе ја
надополни неговата колекција на луксузни автомобили во кој, меѓу другите се
наоѓаат и „Мајбах 62С“, „Ферари Е430 спајдер“ и „Пагани зонда“.


Насловна конструкција

  • Наднаслов – го лоцира времето, просторот и темата. На веб ретко се користи наднаслов. Најчесто името на рубриката е наднаслов.
  • Насловот информира и ја соопштува главната информација. Избирај кратки наслови без премногу игри на зборови за читателите да те разберат полесно. Вниманието на читателите на насловот не се задржува повеќе од една секунда.Затоа насловите со покрупни букви се поподатливи за скенирање.
  • Поднасловот дообјаснува.
Наднаслов: Музика

Наслов: „Синтезис одбележаа 15 години постоење

Поднаслов: Со концертна промоција на нов албум и документарен филм,
во преполната сала на кино „Фросина“, етно-составот „Синтезис“ одбележа
15 години на музичката сцена.

Разбивање на текстот

  • Подели го текстот во параграфи. Јасната одвоеност на параграфите помага при читањето.
  • Еден параграф треба да носи една идеја и не смее да биде предолг. Секој параграф треба да има од 50 до 60 зборови.
  • Ако текстот е долг, поделете го во делови. На секој дел дадете му посебенмеѓунаслов. Меѓунасловите полесно ќе го ориентираат читателот низ текстот.Доколку текстот има меѓунаслови, нивниот број не смее да биде помал од два.
  • Не го потцртувај насловот, параграфите, лидот или друг елемент на текстот. Тоа создава психолошка пречка за да се продолжи читањето. Препорачливо е меѓунасловите да се разликуваат од текстот. Најчесто се користи истиот фонт само во болдирана форма
Пример: http://style.mnogoo.mk/

Хиперлинкови

  • Користете линкови кои ќе водат до веб страници со повеќе детали и објаснувања или се извор на информацијата за којашто пишуваш. Читателите при скенирање се задржуваат на линковите. Но, секогаш кажете ја поентата пред да го поставите првиот линк.
Пример: http://style.mnogoo.mk/

Мултимедија

  • Интернет корисниците повеќе сакаат да ги добиваат податоците што се однесуваат на имиња, бројки, факти, места… преку текст, додека новите и непознати концепти им стануваат поблиски ако се презентирани мултимедијално (со фотографии, графикони, аудио и видео).
  • Ако текстот е долг, користете фотографии и видео парчиња помеѓу деловите на текстот кои зборуваат за одделни работи. Препорачливо е додатните елементи да не го прекинуваат текстот, туку да бидат вметнати од страните со мало прекршување на текстот.
Пример: http://www.cnn.com/
  • Ако некоја содржина треба да биде мултимедијално претставена, се препорачува да не се употребуваат повеќе од два медиума. Користи текст и видео, текст и фотографии или аудио и фотографии.