d

The Point Newsletter

Sed ut perspiciatis unde omnis iste natus error.

Follow Point

Begin typing your search above and press return to search. Press Esc to cancel.

Кога на градоначалничката Арсовска ќе ѝ се случи портпарол?

Имањето портпарол и служба за односи со јавност може не само да им го подобри и унапреди имиџот на политичарите и функционерите, туку и да спречи да дојдат на целосно лош глас како нетранспарентни и затворени јавни службеници. Токму тоа ѝ се случи на граноначалничката на Скопје, Данела Арсовска. Арсовска сè уште нема назначено лице за контакт со медиуми, а според повеќе случаи и тврдења на новинари, самата тешко контактира со нив.

Сликата за градоначалничката Арсовска како затворена личност и функционер кој недоволно комуницира со јавноста се создаде по неколку случаи во кои медиуми одлучија отворено да изнесат дека повеќе пати се соочиле со неможност да добијат податоци од Градот.

Новинарката на порталот СДК, Ана Антевска, напиша неколку текстови кои, меѓу другото, зборуваа за тоа дека градоначалничката не дошла на седница за прашања од советниците, дека не поканила медиуми на прославата на Денот на пожарникарите, не дала образложение за сеча на дрвја во урбана средина итн.

Фото: Данела Арсовска, градоначалничка на Скопје. Извор: СДК.мк

Новинарката Антевска смета дека неискуството на Арсовска како политичар не е оправдување за недостапноста на информации за работењето на градот, и дека и за тоа имало решение ако градоначалничката била одлучена да се држи за начелото на транспарентност.

,Доколку градоначалничката не е во можност да одговори на секој повик, затоа што нема долгогодишно искуство во локална самоуправа, сметам дека треба да има служби кои соодветно ќе одговараат. На Град Скопје му е потребна институцијата, а веќе поминаа 7 месеци и институцијата нема портпарол. И тоа покажува каков е односот кон новинарите и како таа е затворена кон граѓаните. Градоначалничката треба да знае во што се впушта и сигурно во партијата која што ја поддржа има доста лица кои се разбираат во локална самоуправа и што знаат со какви проблеми се соочуваат, и требало да и укажат на време. Да кажеме дека се соочува со големи проблеми, па не знае како да ги реши тие проблеми. Меѓутоа, во секој случај пред да стапи во функција и кога беше во кампањата и ги даваше сите ветувања, требаше да биде повеќе запознаена со состојбата, и каква е ситуацијата на Град Скопје”, категорична е Ана Антевска, новинар во СДК.

Новинарот на ТВ 24, Сунаи Сабриоски, кој пред кусо време, по силните критики во јавноста, успеа да добие кусо интервју со Арсовска на линк во вестите на ТВ 24, има малку поголемо разбирање за, како што вели, неснаоѓањето на Арсовска со медиумите. Но, и Сабриоски смета дека за тоа требало навремено да се најде решение-лице и служба во градот Скопје кои ќе одговараат на прашањата на медиумите.

„Би рекол дека имам разбирање, дополнително што на таа позиција е неколку месеци, но сепак тоа не го оправдува фактот дека досега не се најде начин за однос со медиумите и одговор на секое едно новинарско прашање. До сега не се случило да не добијам одговор на прашањата кога сум комуницирал со други општини, со градоначалниците на Валандово, Битола, Гази Баба, Кисела Вода, Штип. Очигледно е дека тие сериозно си ја сфатиле одговорноста во делувањето и комуникацијата со медиумите, бидејќи претпоставувам дека ја сфатиле моќта на новинарството/новинарите кои пак се носечки столб/сервис на граѓаните”, смета Сунаи Сабриоски од ТВ 24.

Фотографијата е преземена од: tocka.com.mk

Според експертот за дигитални медиуми, Бојан Кордалов, во денешно време институциите треба самите да одат чекор понапред во пружањето информации кон јавноста.

Во интервју за ТВ 24, тој вели дека давањето информации преку портпарол или служба се подразбира и дека веќе не може да се смета за транспарентност ако се почитува Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и ако податоците се подготвуваат и испорачуваат согласно тоа. Тој смета дека денес тоа е застарено сфаќање и дека информациите треба да бидат достапни 24 часа дневно, дури и дигитално.

Од партијата ВМРО ДПМНЕ, која ја поддржа Данела Арсовска на локалните избори, каде таа се кандидираше како независен кандидат, не одговорија на нашите прашања за коментар дали затвореноста на Градот Скопје се коси со заложбите на партијата за отвореност и отчетност во работењето на функционерите, и каков е ставот за критиките за недостапност за медиумите упатени кон градоначалник кој дошол на власт со гласовите на таа партија.

 

 

Автор: Ана Марија Новеска

Текстот е изработен како завршна задача на мастер часовите за медиуми и новинарство, организирани од Институтот за комуникациски студии и ИРЕКС во рамките на проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“.