Активирај се | Создадено од вас |

Лицата без државјанство – фантоми за институциите

feat-img

Речко Алиовски веќе 42 години живее во земјава без државјанство, без да има право да отвори сметка во банка или пак да се лекува. Тој е фантом во сопствената земја, во која и се родил, исто како и неговите четири деца кои поради оваа причина – немањето државјанство, не можат да се лечат, ниту да се образуваат.

Бездржавјанството е генерациски проблем. Според статистиките на Народниот правобранител  на Република Северна Македонија согласно 2021 година, вкупниот број на неевидентирани лица во нашата земја изнесува 659 лица, но тоа не е вкупната бројка на лица со ваков проблем. Според Министерството за внатрешни работи, во 2021 година регистрирани се вкупно 11512 странци со регулиран престој (привремен или постојан). Брзо решение за лицата без државјанство е само привремен престој, но тоа не е трајно решение за нивните проблеми бидејќи овој статус само им се обновува.

Немаат пристап до основни човекови права

Лицата без државјанство во нашата земја се нарекуваат „фантоми“, „законски  невидливи лица“ и „странци во сопствената земја“. Поради актуелните законски рамки и несоодветно функционирање на институциите во земјава, лицата без државјанство немаат пристап до најосновните човекови права кои се загарантирани со меѓународни инструменти.

„Немаме никакви права. Како да не постоиме во Македонија. Има проблем. Значи, немаме право да се пријавиме да работиме, немаме право за социјална помош, ни за здравствено осигурување. Имам решение за социјална помош, но не можам во банка да отворам трансакциска сметка”, се жали Речко Алиовски. На прашањето дали се обидел да извади уверение за државјанство одговори: „Се обидов, но ми рекоа дека јас се водам како странец, а цел живот сум растел тука. Тука сум роден. Исто и моите деца се тука родени.”

Личните документи на Речко Алиовски (Идентификациона исправа-лево, Извод од посебна матична книга на родените-десно)

И неговиот пријател,  28-годишниот Нусрет Амет, има слични проблеми. Тој вели: „Во поглед на социјалното и здравственото осигурување, ништо, ништо немаме. Банките не ги признаваат овие документи како валидни. Одиме во банка и не даваат. Ни бараат македонска лична карта.” Поради тоа, немаат пристап до социјална помош бидејќи институциите немаат како да им ги префрлат тие загарантирани приходи.

Овие лица, т.н. апатриди, во очите на државата се невидливи (односно не се сметаат за граѓани), и како такви немаат пристап до основните права кои се загарантирани со меѓународните инструменти, Уставот и законите на една држава: право на здравствена заштита, социјална заштита, образование, вработување и други.

Според Александра Ефремова од Македонското здружение на млади правници „поседувањето на државјанство претставува право да се има пристап до останати права, а бездржавјанството води до исклученост од овие права, живот на маргините и во сиромаштија, дискриминација итн.”

Сенада Сали, правничка од Европскиот центар за права на Ромите појаснува дека немањето пристап до овие права се должи на тоа што во државава секое право започнува со „секој граѓанин на Република Македонија“. Еден пример за ова е членот 39 од Уставот на Република Македонија, кој го гарантира правото на здравствена заштита, но само за граѓани на земјава.

Главни причини за бездржавјанството во Северна Македонија

Причините поради кои едно лице може да остане без државјанство или во ризик од бездржавјанство се различни: непостоење на упис во матичните книги на родени, промена на државни граници, миграции, судир на закони, дискриминација, но и недостаток на политичка волја.

„Имаме проблем со легислативната рамка и со постапувањата на институциите, но генерално сметам дека акцентот би го ставила на немање на реална волја кај надлежните власти за решавање на овој проблем и немање капацитети и знаења за системско и холистичко пристапување кон решавање на истиот”, изјави адвокатката Тамара Славеска – Апостоловски.

Лицата без државјанство кои потекнуваат од една од земјите на поранешна Југославија се регистрирани како странци во нашата земја и покрај тоа што некои од нив се родени и живееле тука цел живот, поради што често се нарекуваат „странци во сопствената земја“.

Главни причина за бездржавјанството кај нас се распадот на поранешна Југославија, кога многу луѓе од некои од земјите кои беа дел од тогашна Југославија останаа во Македонија по 8 септември 1991 година, но сè уште не успеале да се стекнат ниту со македонско, ниту со државјанство на земјата на потекло и неможноста на одредени лица, поради административни пречки, да се запишат во матичната книга на родените и со тоа да немаат утврден граѓански статус, односно потврда за својот идентитет.

Надежта беше дека со последниот попис, како што беше најавено, ќе добиеме јасна слика за застапеноста на ваквите лица во нашата држава, но сè уште не се знае точниот број на лицата без државјанство во нашата земја.

Најлесно решение-привремен престој

Согласно Законот за странци, лицата без државјанство имаат можност да добијат привремен престој (во траење од една година, кој се продолжува секоја година) или да им се одреди постојан престој. Согласно Законот за државјанство на Република Северна Македонија, лицата без државјанство можат да се стекнат со државјанство по основ на брак со македонски државјанин (доколку имаат шест години законски и непрекинат престој во земјата и ги исполнуваат останатите услови) и согласно новиот Закон за измена и дополнување на Законот за државјанство, доколку докажат со приложување на најмалку еден доказ дека до 8 септември 1991 година имале престојувалиште или живеалиште во Македонија.

Жртви на бездржавјанство поради распадот на СФРЈ, Мифтар (лево) и Лирије, на која државата ѝ дозволи да се стекне со извод од матичните книги на родени, (десно). Извор: © UNHCR/Roger Arnold

Имено, овие лица водат постапки согласно член 7a од Законот за државјанството на Република Северна Македонија, според кој: „државјанство на Република Северна Македонија со природување по член 7а може да стекне лице без државјанство или лице со признат статус на бегалец ако од утврдувањето на бездржавјанството, односно признавањето на статус на бегалец до поднесувањето на барањето за прием во државјанство, законски и постојано живее на територијата на Република Северна Македонија најмалку шест години и ако ги исполнува условите од член 7 став 1 точка 1 точките од 3 до 10 на овој закон.

Според информации добиени од Министерството за внатрешни работи, моментално се водат постапки за 18 лица без државјанство за стекнување со државјанство на Република Северна Македонија по член 7а од Законот за државјанството на Република Северна Македонија. Додека согласно евиденциите, во 2021 година регистрирани се вкупно 11512 странци со регулиран престој (привремен или постојан).

МКР-Матична книга на родени, Извор: Народен правобранител на РСМ

Направен е напор, како на светско ниво така и во Република Северна Македонија да се доделуваат државјанства на најденчиња (деца кои се најдени на територија на нашата земја) чии родителите се непознати, но за жал не и на најденчиња чии родители се апатриди. Во однос на лицата кои не се запишани во матична книга на родените, во февруари 2020 година беше донесен Закон за неевидентирани лица во матична книга на родените. Имено, целта на овој Закон е „лицата неевидентирани во матична книга на родени да се евидентираат во посебна матична книга на родени, заради добивање на извод од посебната матична книга на родени и идентификациона исправа заради остварување на право на образование, здравствена заштита, социјална заштита и вработување со задолжително социјално осигурување согласно со закон, до дополнителен упис во матична книга на родените и добивање на прв извод од матичната книга на родени, согласно со закон.” Со овој закон за жал, не се решава системски проблемот на овие лица, туку предвидува привремена регистрација, издавање на посебен евиденционен број кој треба да го замени матичниот број и посебна идентификациона исправа.

Но поради ниски административни капацитети, и покрај овие документи кои се гаранции за права, лицата без државјанство сè уште се соочуваат со институционални препреки кои ги оневозможуваат да ги остварат своите права.

Извор: Народен правобранител на РСМ, мај 2021

 

Повеќе милиони без државјанство во светот

Според Високиот комесар за бегалци на ОН во нивниот Статистички извештај за лица без државјанство, во светот, повеќе милиони лица во моментов ниту една држава  не ги признава за свои државјани согласно  сопственото национално законодавство.

Глобален број на лица без државјанство, годишно, во милиони. Извор: Statista

Автор: Исак Мисини

Текстот е изработен како завршна задача на мастер часовите за медиуми и новинарство, организирани од Институтот за комуникациски студии и ИРЕКС во рамките на проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“.