d

The Point Newsletter

Sed ut perspiciatis unde omnis iste natus error.

Follow Point

Begin typing your search above and press return to search. Press Esc to cancel.

Заборавени археолошките локалитети во Радовишко

Доколку шетате во природа во Радовиш и радовишко, голема е веројатноста да се наоѓате на археолошки локалитет без да знаете. Причина за тоа се неозначените и незаградени локалитети кои во Општина Радовиш и Општина Конче ги има вкупно 226, од кои 17 се оценети како приоритетни или локалитети од прва категорија.

Разговаравме со Оливер Бојаџиев, археолог од Радовиш кој учествувал на бројни археолошки истражувања како Скупи, Таор, Плаошник, Радовишки регион и други.

„Во текот на овие 20-тина години имам разговарано неколку пати со надлежните органи на Општина Радовиш за проблемот со археолошките локалитети и секогаш решенијата и проектите останувале на маса или во фиока“, вели Бојаџиев.

Тој е оптимист дека општинската власт на Радовиш почнува да има повеќе разбирање и сфаќање на важноста на археолошкиот потенцијал и неговата улога во развивањето на туризмот.

Фото: Оливер Бојаџиев, археолог

Локалитетите во Општина Радовиш се заштитени од Управата за заштита на културни споменици и се регистрирани во археолошката карта на Република Северна Македонија. Поради немање на завод за заштита и музеј во Општина Радовиш, надлежен за теренска заштита и интервенција на локалитетите во општина Радовиш е Завод и музеј Штип. Иницијатива за заштита на локалитетите во општина Радовиш досега имало од Археолошкиот музеј на РСМ и Музејот на Штип.

Еден од локалитетите од прва категорија по важност којшто не е обележан со информативни табли и е незаграден е локалитетот Велика Чука – Тумба.

Овој локалитет се наоѓа на десната страна одејќи од Радовиш за селото Ораовица, веднаш над сегашните селски гробишта. Според досегашните теренски извештаи, на овој локалитет можат да се пронајдат податоци уште од бронзено време, па сè до средината на 20-тиот век. На локацијата можат да бидат пронајдени траги од човечки коски, керамика и камени остатоци од гробни конструкции.

Бојаџиев потенцираше дека овој локалитет е со исто знаење како локалитетите Хераклеа и Стоби, но ова место не го добива истиот третман.

„Овој локалитет бара поголеми средства, систематско истражување. Според мене, овој локалитет бара повеќе од 5 години истражување. Овде имаме континуитет на населување и живеење, како и култен религиозен континуитет. Истражувањето може да се прави под крилата на Завод и музеј Штип, коишто во моментот се презафатени“, напоменува Бојаџиев.

Радовиш сè уште без археолошки музеј

Во стратешкиот план за Општините Радовиш и Конче во периодот од 2007 до 2011 година е вметнат планот за изградба на музеј кој требало да биде ставен во функција пред 2010 година, но и после 12 години, музеј сè уште нема.

Од општината велат дека причината поради која сè уште нема археолошки музеј е неприфаќањето да се отвори национална установа. Во моментот започната е постапка за отварање на општинска установа, а се бара и соодветна локација.

За да се формира музеј е потребно соодветен простор со сите услови за чување на артефактите и специјализирани лаборатории за нивна конзервација и реставрација.

„Во секој музеј треба да има вработено стручен кадар со познавање на својата материја. Новата општинска власт веќе работи на проектот археолошки-историски музеј на Радовиш. Прво треба да се одреди неговата локација која треба да одговара на потребите на градот и пред сè на потребите на странските и домашните туристи“, потенцира Бојаџиев.

Најголем дел од движното културно богатство на општина Радовиш и општина Конче е изложено и депонирано во Музеј Штип, а помал дел има во Археолошки музеј на РСМ во Скопје. Во Радовиш постои етнолошка поставка со предмети од доцносредновековната историја и неколку артефакти од камена пластика од римскиот и отоманскиот период кои не се доволно експонирани и презентирани пред јавноста.

Важноста на сите овие локалитети за општина Радовиш и Македонија е доста голема, како за поголемо познавање на историјата така и за големиот туристички потенцијал кој го нудат овие локалитети, и е потребна нивна заштита, маркирање со показни знаци и поголемо медиумско информирање. Затоа, не треба да се дојде во ситуација вакви историски локалитети на луѓето да им бидат само локација за рекреација поради негрижата за културното наследство.

 

Автори: Кристијан Трајчов и Христина Груеска

Текстот е изработен како завршна задача на мастер часовите за медиуми и новинарство, организирани од Институтот за комуникациски студии и ИРЕКС во рамките на проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“.