Активирај се |

Десетта медиумска лабораторија во „Орце Николов“ во Скопје

feat-img

Во средното училиште „Орце Николов“ во Скопје вчера се одржа медиумска работилница организирана од Високата школа за новинарство и односи со јавноста и весникот „Нова Македонија“. На работилницата учествуваа четириесетина ученици од гимназијата, кои пројавија посебен интерес за етиката и моралот во медиумите и во новинарската професија, како и за заштитата на граѓанските права при објавување вести. Александра Теменугова од Високата школа укажа на важноста од медиумски писмена публика во општеството и нејзината поврзаност со демократијата и севкупниот напредок.

На работилницата, освен што се вежбаа пишување вести и нивна анализа, стана збор и за лажните вести како феномен од најново време. Учениците, со дневниот весник „Нова Македонија“ и со весникот „Медиум“ пред себе анализираа и коментираа вести, наслови, извештаи, како и фотографии, што дополнително разјасни дел од дилемите за тоа како функционира еден медиум.

Медиумската работилница се организира во рамките на проектот „Коалиција за медиумска писменост“, при што Високата школа за новинарство и за односи со јавноста и дневниот весник „Нова Македонија“ секој месец ги посетуваат училиштата низ Македонија, држејќи предавања за новинарство и за медиуми. Реализацијата на целиот проект е овозможена со поддршка на Европската Унија.