Медиумски објави |

Алфа ТВ: На учениците во Македонија им треба поголема едукација за медиумскам писменост

feat-img

Училиштето е клучна институција за унапредување на медиумската писменост. Едукација е потребна со цел младите да знаат да ги препознаваат и да се справуваат со манипулациите и лажните вести со кои е преплавен медиумски простор, во светот ама и во земјава. Пристапот до илјадници ресурси на интернет, носат нови ризици. Проблем е и што дел од наставните програми не се изменети од 2001-2002 година. На конференција „Медиумската писменост во Македонија: во или вон образованието“ учесниците подвлекоа дека потребно е да се ревидира содржината во учебниците, со активно учество на министерството за образование и наука. Големи надежи се полагаат на неодамна усвоената Стратегија за образование 2018-2025 година.

Во земјава медиумската писменост во образованието, постои во сегменти, во содржини од предметите по мајчин јазик или социологија кои се однесуваат на општи поими за медиумите. Заменик-директорот на Бирото за развој на образованието Петрушевски, рече дека следниот чекор е да се извршат промени и во наставните програми по предметите од општествените науки.

Прашањето за медиумска писменост го актуелизираше Високата школа за новинарство од каде ќе работат на подобрување на писменоста за вести и информациската писменот. Претставник од делегацијата на Европската Унија во земјава рече дека медиумската писменост е неодложна или нераскинлив дел од здрава демократија, од слободата на медиумите и плурализмот.

За справувањето со лажните вести во Брисел веќе формирана е експертска група од 40 истакнати новинари, академици, активисти да ја советува Европската комисија. Токму оваа проблематика е приоритет и на Европската Унија.

Вероника Мароска Леова