Медиумски објави |

МИА: Шокантно! Неверојатно! Ексклузивно!

feat-img

Феномените лажни вести и пост-вистини, кои ги одбележаа последните две години, како и се поголемиот број сатирични и измислени текстови, дизајнирани да изгледаат како редовни вести, ја вратија во фокусот важноста на медиумската писменост, како најдоброто оружје кое го имаме на располагање за борба против ширењето и подложноста на лажни содржини на интернет.

Сега, кога секој што има пристап до телефон или компјутер може да објавува информации преку интернет, станува се потешко да се каже која вест е точна. И, со се поголемото користење на Фејсбук, Снепчет, Твитер и други онлајн извори кои се користат за пласирање вести и информации, станува уште поважно за сите нас, но посебно за децата, да научиме да го декодираме она што го читаме на интернет.

Има толку многу лажни вести на интернет, што Гугл и Фејсбук почнуваа активно да се борат против објавувачите на лажни или погрешни вести. Но, мрежите кои се издржуваат од реклами се наоѓаат во „тесно“, бидејќи тие добиваат пари кога корисниците кликаат на овие приказни – колку е поневеројатен насловот, толку повеќе пари прават.

Лажните вести ја имаат моќта да ги нормализираат предрасудите, да диктираат менталитет на „ние наспроти тие“, па дури и во екстремни случаи, да оправдаат и охрабруваат насилствата.

– Медиумската и информациската писменост се повеќе станува тема на дискусија не само во Македонија, туку и глобално. Потребата да имаме едуцирани млади поколенија е императив, но современото образование мора да е и технолошки и технички апдејтирано. Не може да имаме писмен ученик ако тој/таа не знае како да се справи со неброениот број информации што секојдневно ги добива од интернет, од социјалните мрежи, Истовремено, учениците треба и да знаат како да создадат медиумска содржина за да се вклучат во дигиталната дебата за прашања од нивен интерес. Затоа медиумската писменост мора да се вклучи во формалното образование од најмалата воздраст. Ние мора да ги заштитиме најмалите од говор на омраза, од злоупотреби на интернет, од содржини кои може да ги заведат, но и да градиме критички дух кај нив за да може сами да анализираат, сублимираат податоци и да креираат свое, сопствено мислење, наведе во изјавата за МИА Жанета Трајковска, директор на Институтот за комуникациски студии.

– Државата од една страна мора да има закони за заштита, но образованието мора да биде неизоставен дел од процесот за медиумско описменување на новите генерации, додаде таа.

mia sokantno 2

Младите растат во свет каде дистрибуирањето големи количества дезинформации преку интернет стана суптилна, но моќна уметност.

– Децата се меѓу најранливите групи кои лесно можат да бидат заведени од лажни вести и други медиумски манипулации, а социјалните мрежи и видео игрите на интернет имаат најголем потенцијал да влијаат негативно врз нивниот развој. Медиумската писменост, односно способноста на децата критички да ги користат сите видови медиуми, особено содржините кои се достапни на интернет, е неопходна за тие да се заштитат од можните манипулации и злоупотреби, но во исто време и да научат како правилно да ги користат медиумите за да го унапредат своето знаење, и да станат активни и одговорни граѓани во иднина, изјави за МИА Билјана Петковска, директор на Македонски институт за медиуми (МИМ).

Не е изненадување што истражувањата објавени во 2016 година од страна на Универзитетот Стенфорд сугерираат дека децата „повеќе се фокусираат на содржината на ставовите на социјалните медиуми отколку на нивните извори”.

На пример, од 203 ученици од средно училиште анкетирани како дел од едно истражување, повеќе од 80 проценти сметале дека реклама на веб-страницата за вести што е означена како „спонзорирана содржина” е вистинска вест.

– Несомнено е неопходно децата да бидат медиумски писмени, односно нужно е кај нив континуирано да се работи на развојот на способноста за критичко читање на сите содржини кои до нив доаѓаат преку медиумите. Тие растат опкружени, пред сè, со пораките од медиумски посредувана реалност и затоа сите субјекти кои имаат улога во нивното воспитание и образование треба да работат на градење и подигнување на нивната способност да разликуваат информација од реклама и лага од вистина. Не само родителите и училиштето, туку сите општествени чинители, вклучувајќи ги и медиумите, треба да ја препознаат својата улога во овој процес. Нема никакво оправдување за користењето лажни вести – ваквата практика е недозволива и од аспект на новинарската етика и од аспект на етиката во маркетиншкото работење. Во рамките на своето комерцијално работење, и традиционалните и новите медиуми ги таргетираат и децата како сегмент на пазарот, ама тоа мора да го прават одговорно и без каква било злоупотреба на нивното неискуство, изјави за МИА м-р Емилија Петреска-Камењарова, раководителка на Одделението за човекови права и медиумска писменост во Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги

Да се биде во можност да се идентификува веродостојноста на информациите е важна грижа за секого. Сепак, обемниот материјал на интернет и брзината со која патува, ја прави оваа задача вистински предизвик.

– Очигледно е дека една од најважните вештини која ќе им биде потребна на децата за да успеат во модерната економија на знаењето и да напредуваат како граѓани, е способноста да разликуваат што е лажно а што е вистинито. Претходните генерации го немаа овој проблем на истото ниво, бидејќи не постоеја социјални медиуми. Затоа е важно да се развијат вештини за критичко размислување и медиумска писменост кои ќе им помогнат да го најдат својот пат низ оваа комплексност, изјави за МИА Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ во Македонија.

Медиумско описменување

– Првата работа што е потребно да биде направена е на децата да им се објасни разликата меѓу фантазијата и реалноста. Можеби звучи премногу поедноставено, но многупати децата не можат да ги препознаат границите меѓу она што го гледаат и она што навистина е случај. Децата се под постојана изложеност на пораките што произлегуваат од медиумите. Токму поради тоа, неопходни се засилени заложби и координација меѓу граѓанскиот сектор, институциите, образовните институции за воведување програми кои што посебно ќе се однесуваат на подобрувањето на медиумската писменост кај децата, изјави за МИА извршниот директор на Советот за етика во медиумите на Македонија Марина Тунева.

– Препознавајќи ја големата улога на медиумите врз детските животи, Американската академија за педијатрија кон крајот на минатата година издаде нови препораки и ресурси во обид да им помогне на семејствата во едуцирањето на своите деца за начинот на користење на медиумите. Една од тие препораки е дека родителите, семејствата и старателите треба да ги следат медиумите заедно со децата, за да им помогнат да го разберат она што го гледаат и начинот на кој тоа треба да го применат во своето секојдневие, вели Тунева.

– Во услови на се поголема комерцијализација, во која што битката за зголемен број на ‘кликови’ е се’ поприсутна, и самите деца неретко стануваат дел од таа ‘игра’. Децата честопати несвесно се изложени на процесот на рекламирање, преку самото следење на различни огласи, реклами и комерцијални пораки. Комерцијалната онлајн средина, а особено игрите кои во себе ги содржат и елементите на рекламирање, не ги поштедува и децата. За жал, доколку децата не се вклучени во иницијативите за зголемување на медиумската писменост, тие нема да бидат имуни на негативните влијанија од рекламирањето, додаде таа.

Сите сме одговорни

Повеќето деца и тинејџери ги добиваат своите вести од нивните социјални мрежи, па затоа треба да научат како критички да ги читаат приказните. Дури и малите деца можат да почнат да размислуваат за некои клучни прашања за медиумска писменост. Платформите како Твитер и Фејсбук станаа звучници за секој кој може да привлече следбеници, без разлика каква е нивната порака или содржина.

– Децата треба да научат во училиштата како да препознаат “лажни вести”, изјави Андреас Шлејкер, еден од водечките меѓународни експерти за образование.

– Во современото дигитално доба, училиштата треба да ги научат учениците како да размислуваат критички и да го анализираат она што го читаат на социјалните медиуми и веб-сајтови за вести, вели Андреас Шлејхер, директор за образование и вештини, при Организацијата за економска соработка и развој.

Тој, исто така, сугерира дека социјалните медиуми создаваат „ехо-комори” каде корисниците слушаат гледишта слични на нивните.

– Во минатото, кога ви беа потребни информации, ќе отворевте енциклопедија, ќе ја побаравте информацијата и вие можевте да верувате дека тие информации се вистинити, рече Шлејхер.

Нови компјутерски тестови за „глобални компетенции” ќе бидат направени на 15-годишниците во светот, заедно со тековните оценки на ОЕЦД за читање, математика и наука кои се спроведуваат на секои три години. Резултатите од овие проценки – и рејтингот на околу 70 земји и економии врз основа на резултатите – се сметаат за важни за владите во светот. Тестовите треба да се направат следната година, а резултатите ќе бидат објавени во 2019 година.

– Оваа проценка е во врска со капацитетот на младите луѓе да го видат светот од различни перспективи, да ги ценат различните идеи, да бидат отворени за различни култури, што е се поважна димензија во меѓусебно поврзаниот свет – и економски и социјално. Училиште, родители, медиуми – сите сме одговорни., вели Шлајкер.

Каде сме ние?

– Во наставните планови во основното и средното образование, во наставата по мајчин јазик, во наставната програма има цела тема посветена на медиумската култура, која пак има за цел да го унапреди познавањето на учениците за улогата на медиумите во современите демократски општества. За таа цел, преку Бирото за развој на образованието во континуитет се обезбедуваат и обуки за наставниот кадар во делот на медиумската писменост и медиумската култура.

Министерството за образование и наука е отворено за соработка и давање помош во градењето на образовен систем во кој учениците ќе го развиваат критичкото мислење преку најновите достигнувања во делот медиуми и медиумска писменост. Во таа насока, преку Бирото за развој на образованието, на неколку граѓански организации дел од Мрежата за медиумска писменост, дадовме позитивно мислење за реализирање на наставни активности во училиштата преку кои ќе работиме на медиумското описменување на учениците и развивањето на критичката мисла, велат за МИА од Министерството за образование.

– Нашиот образовен систем треба да ги поддржи долгогодишните залагања пред се на граѓанското општество и преку заедничка, координирана работа со нив да се создадат ресурси за настава , по што ќе следи и воведување на медиумската писменост во образовниот процес, како задолжителна настава во основното и во средното образование. Во развиените европски земји медиумската писменост одамна е интегрирана во голем дел од наставната програма и е препознаена како неопходна за да се овозможи модерно образование, наведе директорката на МИМ.

Самите медиуми може да имаат значајна улога во спречувањето на ваквите опасности.

Медијавајз (Mediawise), УНИЦЕФ и Меѓународната федерација на новинари покренаа меѓународна иницијатива за да го промовираат признанието дека новинарите играат позитивна улога во развивањето нови пристапи во медиумското претставување на децата и промовирањето на нивните права.

Во „Принципите и насоките на УНИЦЕФ за етичко известување за деца и млади под 18-годишна возраст“, меѓу другото, силно се нагласува потребата да се обезбедува вистинскиот контекст за темите што се поврзани со деца и да се заштити нивниот идентитет.

– Во моментов нема конкретни показатели за тоа какво е нивото на медиумска писменост кај децата во Македонија – ваквото истражување е еден од идните чекори што ги подготвува Агенцијата во рамките на своите надлежности за поттикнување на медиумската писменост на сите граѓани – вклучувајќи ги и децата. Во меѓувреме и ние и други организации, во изминативе години повеќепати имаме преземано активности за подигнување на медиумската писменост кај децата – од спотови, преку предавања, до материјали и обуки за наставниците. Еден таков проект во моментов е во завршна фаза, а на него заеднички работат повеќе членки на Мрежата за медиумска писменост на Република Македонија, која се формираше годинава. Станува збор за ДВД на кое се наоѓаат повеќе спотови за медиумската писменост, Прирачник и материјали за подготвување часови и содржини поврзани со правата на децата, кои ќе бидат доставени до сите основни училишта во Македонија, а целта е да им се помогне на наставниците со нагледен материјал и со идеи за тоа како со своите ученици да работат на прашањата за медиумска писменост. За ова веќе е добиено потребното одобрение од Бирото за образование и очекуваме дека ДВД-то ќе биде отпечатено навреме за да се најде во училиштата за почетокот на второто полугодие, истакна Емилија Петреска-Камењарова од АААВМУ

Во наставната програма за македонските ученици има подрачје медиумска култура која опфаќа планирање на часови од областа на театар, кино, библиотека, телевизија, радио, интернет и списанија, како среддства за добивање на информации од секаков вид. На тие часови се отвора дискусија на таа тема, во зависност од возраста на учениците, бидејќи тие сакаат да разговараат и дебатираат. Но, тоа се реализира во зависност од креативноста на наставникот, колку тој ќе се вложи во разговорот, истовремено реализирајќи ги наставните цели предвидени согласно со програмата од Бирото за развој и образование, појасни за МИА Билјана Петрова, професор по одделенска настава..

– Работилници има и тоа од програмата за животни вештини, предмет кои се работи на одделенските (класните часови). Тие се доста интересни и едукативни, а и прифатени од страна на учениците.. Во однос на оваа тема има и проекти кои се спроведуваат од страна на општините, но тоа опфаќа многу мал дел на ученици.

Освен училиштата и медиумите, неопходно е улога да имаат и родителите при медиумското описменување на децата.

– Училиштето, наставниците детектираат појава кај учениците дека потпаѓаат под влијание на разни видови информации за кои ние се обидуваме да ги превенираме, но најголемиот проблем е во семејството каде што децата без никаква контрола користат интернет уште од најмала возраст. Секојдневно децата се бомбардирани со секакви информации, најчесто од мобилните телефони и ТВ. Сето ова многу негативно влијае врз понатамошен здрав и правилен развој на општествена личност. Затоа е потребно повеќе разговор и љубов со децата и во домот и во училиштата, потенцира Петрова.

Страшниот син кит

Предупредувања прво почнаа да се шират на социјалните мрежи, а потоа и голем број медиуми во Европа ја пренесоа веста за опасна игра, насловена „Син кит“ која наводно децата и младите луѓе, на крајот на 50-дневниот предизвик, ги води до самоубиство. Скандалозна приказна предизвика загриженост кај родителите, децата, наставниците и другите експерти и малкумина се посомневаа во вистинитоста.

mia sokantno 3

Сепак, Британскиот центар за побезбеден интернет неодамна го објави тврдењето дека Син кит е пример за сензационалистичка лажна вест.

Овој феномен го истражуваше Георги Апостолов од бугарскиот Центар за побезбеден интернет. Тој ја истражуваше оваа „игра”, откако гласините за неа се појавија во Бугарија и оцени дека тоа е „манипулација што може силно да влијае на родителите и ранливите деца”.

Георги Апостолов објасни дека навистина постоеле групи на руската социјална мрежа Вконтакте, каде тинејџери комуницирале во врска со смртта и споделувале страшни приказни за „гуруа“ или ментори, кои во текот на 50 дена младите ги водат преку различни предизвици до самоубиство. Но, приказната почна уште во ноември 2015 година, а досега беше уапсен само еден 21-годишен член на една ваква група. Тој бил приведен како можен ментор, но поради недостиг на докази, немаше судење.

Што се однесува до бројката од 130 самоубиства кои наводно се поврзани со оваа „игра”, се започна со една статија во рускиот портал „Новаја Газета“, објавен во мај 2016 година, во која е наведено дека во изминатите шест месеци во Русија самоубиство извршил е 130 тинејџери, од кои 80 , наводно, биле членови на такви групи на социјални мрежи. Оттука, има грешка при пренесувањето на изворната информација, што подоцна била „надградена“. Досега, и покрај медиумските написи и шпекулации, не е докажана поврзаност на ниту едно самоубиство со таа „игра”.

Детектирање на лажните вести

Многу сајтови на социјалните медиуми, сега се обидуваат да се справат со ширењето лажни вести. Прикажувајќи им ги на децата ограничувањата што овие сајтови ги наметнуваат на своите корисници, ќе им помогнат да подобро да го разберат проблемот.

mia sokantno 4

На пример, децата треба да се упатат да ги прочитаат правилата, според кои Редит ќе ги отстрани лажните содржини е добра почетна точка. Фејсбук, исто така, нуди „Совети за откривање на лажни вести”, со кои се укажува на читателите да проверуваат и од други извори при информирањето.

Еве неколку основни прашања на кои треба да се одговори, доколку се сомневате во лажна вест:

– Кој ја напиша?

– Која е целната публика?

– Кој платил за ова? Или, кој добива пари ако кликнете на ова?

– Кој може да има корист или да биде повреден од оваа порака?

– Што недостасува на оваа порака што може да биде важно?

– Дали е ова веродостојно?

Постарите деца особено би можеле да уживаат во триковите за да детектираат лажни вести:

• Барајте невообичаени URL адреси или имиња на сајтови, вклучувајќи ги и оние што завршуваат со „.co” – тие често се обидуваат да се појават како легитимни сајтови за вести, но тие најчесто не се тоа.

• Барајте знаци на низок квалитет, како што се зборови напишани со сите големи буклви, наслови со очигледни граматички грешки, храбри тврдења без инаведени звори и сензационалистички слики (жените во бикини се популарни „замки“ за кликови) Ова се индиции дека треба да сте скептични кон изворот.

• Проверете го делот „За нас” на страницата. Дознајте кој ја поддржува страницата или кој е поврзан со неа. Ако оваа информација не постои – и ако сајтот бара да се регистрирате пред да дознаете нешто за неговите поддржувачи – мора да се прашате зошто не се транспарентни.

• Проверете ги Сноупс, Википедија и Гугл пред да поверувате или да споделите вести што изгледаат премногу добро или премногу лошо за да бидат вистинити.

• Проверете дали други веродостојни страници за вести или медиуми известуваат за истата вест. Ако не се објавени таму, не значи дека веста не е вистина, но значи дека треба да „копате“ подлабоко.

• Проверете ги вашите емоции. „Замките за кликови“ и лажните вести се стремат да предизвикаат кон екстремни реакции. Ако вестите што ги читате ве прават навистина лути или супер самодоволни, тоа би можело да биде знак дека сте.

Што велат децата?

Нашата цел треба да биде не само да им помогнеме на децата да го преживеат овој комплициран онлајн свет, туку и да ги опремиме со знаење што им е потребно за да процветаат во него.

Станавме опседнати со тоа да ги тргнеме децата од нивните уреди на сметка на развивање на нивното разбирање за онлајн светот. Тука не станува збор за надзор, туку за отворени разговори кои ги поттикнуваат децата да ја разберат и оценат корисноста на информациите за себе.

Во кусата анкета, која МИА ја спроведе меѓу деца на возраст од 8 до 16 години, добивме различни одговори, но повеќето се дека децата слушнале за поимот „лажни вести“ и се обидуваат да се справат со нив. Сите анкетирани средношколци ни рекоа дека за се се информираат од Интернет. А како проверуваат што е точно, а што не?

Васил (16) – Не верувам на се што ќе прочитам, бидејќи „новинарите“ лажат за да добијат повеќе кликови. Тогаш проверувам по други сајтови или зборувам со поискусни од мене.

Андреј (15) – Најмногу се информирам од Фејсбук, Твитер и Јутјуб. Не верувам на се, бидејќи на Интернет има многу луѓе кои пишуваат слободно, а тоа значи дека е можно случајно или намерно да лажат. За темата што посебно ме интересира, проверувам на форуми, каде разменувам мислења со други луѓе.

Дамјан (16) – Знам дека сега има многу лажни вести и затоа за се што ме интересира проверувам по други сајтови. А најмногу ме нервира кога другарите ги споделуваат вести или написи, а го прочитале само насловот и не провериле дали веста е точна.

Помалите деца слушнале за феноменот „лажни вести“, но не секогаш им е јасно што треба да прават.

Јана (9) – Еднаш прочитав дека ќе дојде крајот на светот и многу се исплашив. Тогаш ја прашав учителката и таа ми кажа дека не е вистина.

Тамара (10) – Јас не верувам на ништо на Интернет. Мајка ми ми рече дека сите лажат!

Сања Костовска