ТВ Свет: Медиумска работилница во рамки на проектот “Коалиција за медиумска писменост”
Дел од средношколците од гимназиијата Кочо Рацин во Свети Николе беа учесници на медиумската работилница која што се одржа во училиштето. Четриесетина ученици учеа како се прави весник и како се пишуваат вести. Предавањето за основите на новинарството го реализираа предавачи на Високата школа за новинарство, Aleksandra Temenugova, и за односи со јавноста и новинарот од дневниот весник „Нова Македонија“, Жарко Василевски.
На работилницата учениците се запознаа со тајните на новинарството, како работи една редакција, како се прават содржините во медиумите и кои се професионалните стандарди што треба да ги почитуваат новинарите. Тие вежбаа пишување вести, кои потоа ги презентираа пред присутните учесници.
Средношколците учеа и за тоа како да станат медиумски писмени граѓани и колку е важно тоа за едно здраво демократско општество. Овој настан се организира во рамките на проектот „Коалиција за медиумска писменост“, при што Високата школа за новинарство и за односи со јавноста и дневниот весник „Нова Македонија“ секој месец ги посетуваат училиштата низ Македонија, држејќи предавања за новинарство и за медиуми, а реализацијата е овозможена со поддршка на Европската Унија.