d

The Point Newsletter

Sed ut perspiciatis unde omnis iste natus error.

Follow Point

Begin typing your search above and press return to search. Press Esc to cancel.
apliciran

„Аплициран“ меѓу мониторите и ученичките клупи

Сакал да биде истражувач на природата, но кога го започнал студирањето во него се родила желба за работа со деца. И станал тоа што е денес. Иновативен, креативен, професор и соработник на учениците на 21 век. Модерен и интересен во секој поглед. Тоа е тој. Нашиот „виртуелно“ реален и оригинален – професорот по информатика во СУГС „Орце Николов“ Борис Попов.

Заглавен меѓу мониторите во кабинетот по информатика, отворен за да ги сподели новите информатички светови. Еден од ретките кои ја имаат лиценцата за обучувач на Микрософт. По завршувањето на часовите, неговиот кабинет станува истражувачка лабораторија. Идните „гејмери“ и  информатичари учат од него и од неговите знаења. Посветено, меѓу своите ученици пронаоѓа нови и идни создавачи на информатичкиот свет.

„Среќен сум што секојдневно сум опкружен со деца-таленти, генерации на иднината. Живееме во информатичко доба, во кое тие сигурно ќе го најдат свое место. Нашите часови се работилници на кои учиме заедно. Компјутерите за нас се истражувачка станица во која кога работиме, забораваме на времето и часовите поминати покрај мониторот. За новите таленти допрва ќе се слушне. Тие веќе имаат свои оригинални модели кои ќе бидат нов бренд во информатичкиот свет. Затоа, моите ученици се мојата инспирација“, вели професорот Попов.

Мобилни апликации, програми, компјутерски инфраструктури, роботи, програмски јазици, веб страници, реклами. Сето тоа е ставено во рамката на неговиот час. „Информатиката не ги учи учениците само за компјутерскиот свет. Напротив, целата таа технологија  ги подучува на вештини за животот, за тоа како да бидат иновативни во тоа што ќе го направат и најважно од сѐ – како да размислуваат отворено, да бидат „надвор од кутијата“.“, додава професорот.

apliciran1Тој држи различни предавања во областите на информатиката, иновациите, менаџерството. Им помага на младите и талентирани луѓе да ја пласираат својата идеја. Ги поврзува учениците со различни луѓе кои се способни да им помогнат и им ги проширува нивните хоризонти. Соработува со многу средни и основни училишта, како и информатичките и математичките факултети.

Неговиот успех е успехот на неговите ученици. Само пред неколку недели со својот тим ученици-таленти учествуваше на „Европската недела на кодови 2014“, натпревар којшто го организираше Европската комисија за образование. Од нивните презентации се „родија“ нови и оригинални мобилни апликации, нови интернет игри и идеи за нови интересни компјутерски програми.

Со неговиот пристап и знаење тој е вистинска мотивација за учениците. Преку различни активности, натпревари и мрежни поврзувања, неговиот час секогаш има повеќе од 34 ученици. Неговиот час навистина е едно големо училиште, отворено секогаш за тие кои сакаат да учат!

Автори: Теодора Алексовска II-9, Криситјан Даневски II-9 и Бисера Димчева II-9, ученици во СУГС „Орце Николов“