d

The Point Newsletter

Sed ut perspiciatis unde omnis iste natus error.

Follow Point

Begin typing your search above and press return to search. Press Esc to cancel.
dali-chasot3

Дали часот ќе биде досаден зависи и од професорите и од учениците

„На мојот час не може да биде досадно. Обработуваме и разговараме за секојдневни теми и во зависност од темата различен е и пристапот кон учениците. Максимално ги користиме методите на информатичко-комуникациската технологија (ИКТ) и благодарение на компјутерите и софтверите со кои располагаме се овозможува вклучување на сите ученици во наставата. Преку нив се решаваат тестови и вежби, се пишуваат есеи.“ Вака професорката Јасмина Василевска го започна разговорот за тоа како течат нејзините часови во битолското средно училиште „Таки Даскало“, каде таа предава по предметот Англиски јазик.

Изминатиов период „Медиум“ разговараше со средношколците и професорите од средните училишта, со цел да дознаеме дали наставните програми и организацијата на часовите се доволно иновативни и интересни за да го привлечат вниманието на учениците, но и успешно да им го пренесат знаењето.

И технологијата си го зема данокот

dali-chasot2Најголемата инвестиција во македонското образование во последните 20 години е проектот „Компјутер за секое дете“ со којшто во училниците се поставија близу 20 илјади компјутери и безмалку сто илјади ЛЦД-монитори. Како што објавија од Владата на Република Македонија, целта е да се зголеми степенот на користерење на компјутерите и Интернетот со што ќе се подобрат информатичко-технолошките вештини и на учениците и на професорите.

Просветните работници велат оти генерацискиот јаз во почетокот предизвикал потешкотии кај повозрасните наставници од кои се бараше да се вклопат во стандардите на современото информатичко општество. Меѓутоа, како што потврдија за „Медиум“ повеќето средни училишта во државата, овие технологи денес без проблеми се применуваат и се дел од секојдневните училишни активности.

И покрај споменатите предностите кои ги овозможи проектот и неговото постојано надградување, дел од професорите признаваат дека и технологијата си го земала данокот односно предизвикала други недостатоци.

– Овозможуваат полесен и побрз пристап до информации за секој ученик, можност за работа на компјутер, како и пристап на родителите до информации за учениците, но имаат и свои недостатоци. Распоредот на клупите заради компјутерската инсталација просто го „голтна“ просторот во училницата за организација за работа во групи и работилници. Компјутерите го „голтнаа“ и вниманието на учениците. Колку и да се борат наставниците со овие проблеми, тие постојат – вели Елвира Јакимовска, професорка по Македонски јазик и литература во средното училиште „Наум Наумовски – Борче“ во Пробиштип.

Оние кои се наоѓаат од другата страна на катедрата, пак, велат оти колку и да има можности за поинтересно организирање на наставничкиот час, дел од професорите тоа не го користат туку се придржуваат кон традиционалниот начин на настава.

– Мислам дека најмногу зависи од предметот. Има некој предмет што ме привлекува, а некој не, но колку ни се интересни часовите зависи и од професорите, колку тие бараат интеракција и имаат интересни начини на предавања. Меѓутоа, кај мене во училиште повеќето од наставниците од нас бараат само мир и тишина – изјави Мартин Велиновски ученик во струмичката гимназија „Јане Сандански“.

Пофлексибилни наставни програми

dali-chasot1Професорите со кои разговараше „Медиум“ сметаат дека можат и треба да се направат и некои измени во програмите, начинот на предавање и пристапот кон дадениот предмет. Еден од првите чекори е при изготвувањето на наставната програма. Таа се изработува согласно пропишаните закони за Наставни програми и планови при Министеството за образование и наука (МОН) и Бирото за развој на образованието (БРО), во соработка со наставниците кои се дел од образовниот процес. Како што велат професорите, таа е училишен документ кој ги конкретизира обемот, длаболината и редоследот на наставните содржини за секој предмет посебно. Покрај тоа што во суштина треба да ги задржи основните на соодветната содржина, програмата треба да биде и иновативна и да ги следи потребите на учениците во современиот образовен процес.

– Повеќе внимание треба да се обрне на начинот на реализацијата на наставната програма, да постои дел во неа кој ќе биде пофлексибилен и каде ќе можат да се вметнуваат промени, стекнати искуства и новини, кои ќе бидат во тек со современите потреби во наставниот процес, бидејќи наставните програми и планови и не се менуваат така често – смета професорката Јакимовска.

Според нејзината колешка од битолското училиште, Јасмина Василевска, потребно е растеретување на програмите и плановите наменети за паралелките со стручно образование бидејќи во нив се запишуваат претежно ученици со послаб успех кои доаѓале со слаби или без предзнаења.

–  Со задолжителното средно образование доаѓаат ученици со секакви профили и буквално е пореметен критериумот за предавање и оценување кај сите средношколци. Ние наставниците мора да бидеме потелерантни во оценувањето и без разлика што правиме за да пренесеме знаење, добар дел од нив сами се изјаснуваат дека ако не беше задолжително немало ни да помислат да се запишаат – раскажува Василевска.

Стратегијата да биде во чекор со промените

dali-chasotДали ќе заспијат на час или внимателно ќе го следат предавањето и ќе научат нешто, учениците велат дека тоа зависи од тоа колку еден предмет им е атрактивен, но и колку професорите го прават часот привлечен.

– Многу од професорите секогаш строго се држат до еден начин на водење на часот, не ни помислувајќи да воведат некои новитети. За нас како млади личности, се што е класика брзо и здосадува. По мое лично мислење, дефинитивно треба професорот секогаш кога ќе има можност да воведе нешто ново со што ќе ја „вжешти“ атмосферата во училницата. Не мора да значи користење на современата технологија, само поголема доза креативност, а и хуморот не бил на одмет – изјави Гоше Николов, средношколец во гимназијата „Љупчо Станов“ во Кочани.

За монотонијата да не биде синоним за нивните часови, професорите велат дека се трудат да ги комбинираат традиционалните методи со иновативни, онолку колку што дозволуваат правилата.

– Настојувам да остварам индивидуален пристап со учениците колку што ми дозволуваат условите, а истовремено се трудам да ја реализирам програмата без отстапувања бидејќи тоа го бара интегралната еваулација и поинаку не смеам – смета Јакимовска.

Технологијата, иновативноста и образованието се споменуваат како главни фактори за напредокот и во документите на Организацијата за образование, наука и култура на Обединетите нации (УНЕСКО). „Живееме во време кога се` се менува многу брзо и кадешто знаењето и иновациите се главните двигатели на развојот. Ова значи дека добриот квалитет на образованието и учењето се` повеќе стануваат важни детерминанти за благосостојбата на поединците, напредокот на земјите и квалитетот на заедничката иднина на човештвото“, се вели во стратегијата за образование на УНЕСКО од 2014 до 2021 година.

Како што е наведено, оваа стратегија има три стратешки цели, од кои едната е помагање во развојот на образовните системи со цел тие да обезбедат можности за учење во текот на целиот живот. Останатите две цели се однесуваат на давањето поддршка на земјите-членки во надградувањето на учениците да бидат креативни и одговорни граѓани, и во оформување на идната агенда за образование. УНЕСКО препорачува дека овие цели можат да се остварат преку промовирање на писменоста, еднаквиот пристап до образованието, подобрување на квалитетот на наставата и обуки на наставниците, како и преку проширување на можностите за учење преку ИКТ.

Судејќи според потребите на учениците, искуствата на професорите и стратегијата за образование, воведувањето иновативни методи во наставата и искористувањето на можностите што ги нуди технологијата се повеќе од потребни за задржување на вниманието на учениците и за пренесување на потребното знаење и вештини во текот на образовниот процес.

Репортер: Александар Самарџиски, дипломиран студент на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста и новинар во „Нова Македонија“