Активирај се | Создадено од вас |

70 години настава на македонски јазик во битолската гимназија „Јосип Броз – Тито“

feat-img

„Јазикот е календар на душата. Со него ги нижиме секундите, деновите, годините на нашиот живот. Го запишуваме убавиот збор кој во календарот го зачувува местото на вечноста.“. Овој извадок е од видеото што беше прикажано на свечената академија по повод 70 години настава на македонски јазик во битолската гимназија „Јосип Броз – Тито“, што се одржа на почетокот на февруари во Народниот театар во Битола.

„После Орфеј, убаво знаеме дека никогаш не треба да се свртуваме кон она што го сакаме, освен ако не сакаме да го уништиме.“, кажа директорот Кирил Печалев во обраќањето до присутните професори, ученици, родители и преставници на институции. Плакети за благодарност за афирмација на македонскиот јазик, за јакнење на врската меѓу средното и високото образование и за поддршка на училиштето добија повеќе јавни личности, меѓу кои Претседателот на РМ, битолскиот ректор, неколку академици, француската конзулка во Битола и битолскиот градоначалник. „Не знам дали на постарите колеги им се случувало тоа, но мене често пати ми се случувало да ја сонувам мојата гимназија. Сметам дека тоа изразува еден однос на респект кон училиштето.“, рече академикот Владо Камбовски, присетувајќи се на неговите средношколски денови во гимназијата. Свечената атмосферата ја збогатија мелодиите кои ги отсвирија и отпееја учениците, а публиката уживаше во училишната претстава „Црна Арапина“. На церемонијата настапи и поп-пејачката Каролина Гочева.

Ангела Петровска и Сара Мицевска, СОУ „Јосип Броз Тито“ – Битола