Активирај се | Создадено од вас |

Дарко Малиновски, Студентски пленум: Размислувајте критички и бидете принципиелни и храбри

feat-img

Студентот по правни науки Дарко Малиновски е меѓу најактивните илјадници привразници на Студентскиот пленум. Деновиве ги минува по аулите на скопските факултети, а неговиот матичен Правен факултет во Скопје му стана втор дом. Вели дека Студентскиот пленум е отворен за сите кои сакаат да ги решаваат со години натрупаните студентски проблеми. Тој им порачува на средношколците да бидат критички насторени, храбри и принципиелни.

Медиум: Студентскиот пленум започна со т.н. окупација, односно формирање автономни зони на факултетите. Зошто се одлучивте на овој радикален чекор?

Дарко: Она коешто сакавме да го постигнеме со автономните зони е да создадеме притисок договореното со Министерството за обрзование и наука да се исполни, бидејќи тоа што ни беше кажано на некој начин, иако не беа доволно јасни, е дека се согласуваат со нас дека измените не се добри. Одложувањето на последните измени во Законот за високото образование само по себе не е доволно за студентите. Студентите бараат да нема државен испит.

Медиум: Кои се конкретните барања на Студентскиот пленум и што доколку не се исполнат тие?

Дарко: Нашето конкретно барање е да се изготви нов законски текст, којшто би го подготвувале заедно студентите, професорите и Министерството за образовавание. Во тој законски текст не треба да има небулозни решенија како државниот испит. Не можам да зборувам што во случај доколку барањата не се исполнат. Тоа не е моја лична одлука, туку одлука што целиот Пленум треба да ја договори и изгласа. Меѓутоа, во моментов немаме друг план, освен тоа што сега го работиме.

Медиум: Без разлика на тоа каков ќе биде исходот од автономните зони и дали барањата ќе се прифатат, дали Студентскиот пленум ќе продолжи да постои и како ќе делува?

Дарко: Првичната идеја поради која се формираше Студентскиот пленум беа последните најавени реформи во високото образование коишто ги сметаме за крајно лоши. Се оформи со цел да ги спречи тие реформи и да почнеме заедно да работиме на поквалитетно високо образование преку инклузивен дијалог. Доколку овој проблем се надмине, Пленумот ќе продолжи да работи на останатите проблеми со кои се соочуваат факултетите, како што се несоодветните средства за настава и прашањата поврзани со финансирањето. Меѓутоа, уште поважно е да се занимаваме со проблемот со студентските домови.

darko-malinovski1Медиум: Се има впечаток како целата јавност да очекува од вас да ги решите сите опшествени проблеми. Чувствувате ли притисок поради тоа?

Дарко: Евидентно е дека целата јавност гледа надеж и некаков спас во студентите и мислат дека студентите се клучот којшто ќе ги реши сите проблеми. Но, ние како студенти, прво, си имаме свои проблеми, а потоа се бориме и за одредени вредности. Ние се организираме за да оставиме поквалитетно образование на генерациите кои следуваат. Наметнуваме еден поубав и подобар политички дискурс, градиме еден фер однос кон сите и се трудиме да бидеме што е можно поискрени. Сме искажувале солидарност со други општествени групи, меѓутоа, како студенти и како движење општо, не можеме да ги решиме сите проблеми. Она коешто ние го правиме во моментов е да им покажаме на останатите како да се организираат и како да ги артикулираат нивните ставови, со цел решавање на нивните проблеми.

Медиум: Целото комуницирање со јавноста, главно, го правите преку социјалните мрежи. Колку се тие важни и каква улога имаат во граѓанскиот активизам?

Дарко: Социјалните мрежи можат да бидат од голема корист, доколку знаете како да ги користите. Во друг случај, можеби тие ќе ви одмогнат во вашата цел. Но, денес тие не можат, ниту смеат да бидат игнорирани како фактор во комуникацијата со јавноста. На социјалните мрежи многу јасно се случуваат некакви опшествени текови, некакви опшествени тенденции. Токму затоа, покрај нашата работа и герила акции, социјалните мрежи многу ни помогнаа во пласирање на нашите идеи и нашите конкретни чекори.

Медиум: Пред некое време се појави и Средношколски пленум. Како соработувате со нив и како тие се вклучени во оваа граѓанска инцијатива?

Дарко: Имавме една средба со средношколците. Освен генерално разменување мислења, ставови и предлози, немаме некоја друга соработка. Во секој случај, ние сме овде доколу средношколците побараат помош од нас, да им дадеме предлози и да им објасниме како функционира нашиот Пленум, па потоа тие тоа да го спороведат и во нивниот.

Медиум: Кога ти беше средношколец, дали постоеше средношколски активизам и дали си имал претходно искуство со слични граѓански иницјативи?

Дарко: Кога бев средношколец немаше вакви движења во кои можев да бидам вклучен. Имаше некои невладини организации чија целна група беа средношколците. Во тие моменти не бев активно вклучен кон некои граѓански движења, но секогаш ги следев општествените текови и случувања. Освен кога беа протестите за Мартин Нешковски, на кои учестував како поддржувач, а не во организацијата, сум немал претходно искуство со граѓански активизам. Сепак, мојата порака до средношколците е секогаш да се трудат да имаат отворен ум, да бидат критички насторени, да бидат толерантни кон различностите. Исто така, да бидат принципиелни, ведри, храбри и искрени.

 

Репортер: Катерина Смилева, студентка на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста