d

The Point Newsletter

Sed ut perspiciatis unde omnis iste natus error.

Follow Point

Begin typing your search above and press return to search. Press Esc to cancel.
ana-miskovska

Евергрини и мармалад од сливи

Ана Мишковска II-6, СУГС Гимназија „Орце Николов“ – Скопје

Кога последен пат сте се собрале семејно, на ручек, кај баба и дедо? Кога последен пат сте седнале, целото семејство во дневната соба, а никој да не е на својот телефон? Кога сте биле поблиску до себе? Многу оддамна, нели? А кога последен пат сте биле во кафуле? Кога последен пат сте биле на некоја забава? Неоддамна, нели?

Секојдневно низ главата ми прелетуваат милион прашања на кои сѐ уште немам одговор. И продолжувам да се прашувам. Каде се изгубивме?

Покрај толку обврски, во големата трка со времето, ниту еднаш не сме застанале да размислиме за вистинските вредности во животот, кои свесно или несвесно, ги разобличуваме сѐ повеќе и повеќе. Заборавивме да се радуваме на малите нешта. Заборавивме да утешиме некого и вистински да ислушаме. Животот ни се состои од кафе, цигара и „бош“- муабети. Клише – секојдневие. Едвај чекаме да пораснеме, не сфаќајќи дека животот на постарите не е „бели мугри”.

Но, кој да каже?

Отсекогаш сум сакала да се стуткам во бабината прегратка. Во тој океан од чувства. Во тој неповторлив изблик на топлина. Со љубов да ѝ помагам при подготовките на највкусното нешто, наша светост и соединување – мармалад од сливи. Секојдневно да ја подучувам англиски и да ѝ помагам при пишувањето пораки на Facebook до далечните роднини. Што менува едно пропуштено кафе во споредба со сјајот од радост на мојата мила бабичка?

Душата ми се исполнува кога ќе помислам колку едноставен може да биде животот. И колку мали нешта можат да му дадат голема димензија.

Ме прави среќна чувството кога помагам на оној кој е заслужен за тоа што сум јас сега. На некој што неуморно градел карактер. Обожувам кога ќе ги имаме нашите долги разговори, каде што преку живописни приказни дознавам за животот во нивно време. Игранки, евергрини, излети… Време во кое поимот семејство имало друга вредност. И друга слика. Време на вистински авторитети, време на неделен семеен ручек. Време на „сите заедно“.

Нешта кои полека, но сигурно бледнеат и се забораваат.

Останува на нас и на нашиот избор. Ќе го сочуваме споменот на семејството и на времето некогаш во времето СЕГА или ќе се препуштиме на брзиот тек на 21 век, заборавајќи дека ние сме дел од нешто многу поголемо од времето.

Дека ние сме и нов бран и традиција, истовремено!