Активирај се | Создадено од вас |

Фарма, пластеник и интернат во светиниколското училиште „Кочо Рацин“

feat-img

Се што ќе произведеме во нашиот пластеник го продаваме и потоа тие пари се вложуваат во училиштето. Фармата, пак, им е од голема помош на учениците кои таму ја извршуваат својата пракса. Има каде да работат и да научат повеќе. Вака Симона Гоцева, средношколка од училиштето „Кочо Рацин“ од Свети Николе опишува колку им се од помош училишната фарма и пластеникот.

Оваа ученичка на насоката Агроменаџмент праксата ја извршува на училишниот имот кој располага со осум хектари земја, а училиштето поседува и комплетна земјоделска механизација. Со сето ова, училиштето во Свети Николе е едно од училиштата во Македонија кое нуди најголема можност за пракса на учениците. Тие ги имаат сите потребни услови за усовршување во ветеринарството, фармерско производство, хортикултурата, агроменаџментот и во машинската струка.

„Одгледуваме домати, краставици и марула. Професорите навистина се залагаат за пластеникот и со нивна помош последниве две години училиштето многу напредува.“, вели Иван Нацевски, ученик во четврта година на насокаат Агроменаџмент.

Во „Кочо Рацин“ во Свети Николе учат и ученици од околните градови – Пробиштип, Берово, Гевгелија, Неготино, Кочани и Велес. Тие престојуваат во интернатот на училиштето, кој е веднаш до училишната зграда.

1-13-1„Училишниот интернат за нас е втор дом, бидејќи поголем дел од времето го поминуваме таму. Условите за живеење се добри, а пред се, посилна е вољата за учење. Не има скоро од цела Македонија и сме како едно големо семејство. Семејство кое брои 55 членови.“, ни раскажа ученикот Баже Јовановски, кој престојува во интернатот.

Училиштето „Кочо Рацин“ има долга традиција која трае повеќе од 60 години, а во моментов успешно функционираат 12 гиманзиски паралелки и 18 паралелки стручно образование. Учениците редовно учествуваат на училишните натпревари и размени што се организираат во и надвор од државата. Тие покрај солидните услови кои ги нуди училиштето, претставуваат дополнителни можности за мотивација и професионален развој на средношколците. Симона, Иван и Баже се дел од овие ученици кои, кога ќе дојде време, ќе бидат подготвени да ги градат своите професионални кариери.

Репортер: Катерина Смилева,
студентка на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста