Активирај се | Создадено од вас |

Генијален ум на располагање

feat-img

-Човекот, како живо битие, живее за да ги оствари своите соништа и да го достигне врвот на своите квалитети. Токму тоа го правам јас, го живеам својот сон. Ова се зборови на средношколецот Кристијан Нелковски, ученик во прва година во скопската гимназија ,,Никола Карев”.

Негова главна занимација се машините. Тој ужива во кругот на технологијата и својата љубов ја наоѓа токму во програмирањето и роботиката. Неговата генијалност и занесот по електрониката и електронските машини Кристијан ја надградува уште од првите ,,допири” со информатиката, односто од петто одделение. Досега има освоено бројни награди на натпреварите Макинова и Еконова, како и натпреварувањата организирани од страна на клубови за млади техничари и природници. Една од ,,најсвежите” награди кои ги има добиено е сребрен медал на минатогодишниот натпревар за роботика Макинова.

-Тоа беше едно прекрасно искуство. Навистина не е лесно да се испрограмира и да се уреди еден ваков интересен и единствен робот. Секако, ми беше пружена потполна поддршка и помош од страна на професорката по информатика, Елеонора Симоска, која наедно е и мој ментор. На проектот работев околу две недели и искрено дадов сé од себе. – раскажува Кристијан.

Неговиот генијален ум никогаш не мирува. Тој заедно со професорот по географија Јован Попоски и неколку негови соученици, во скоро време планираат проект кој се состои во пуштање на дрон и метеоролошки балон со цел да се снимат отпадоците и да се одреди нивото на загаденост на нашиот град и околните места, со намера да ја разбудат еколошката свест и совест кај младата популација. Покрај ова, Кристијан се подготвува да го презентира своето знаење и умешноста во пошироки рамки. Тој посакува да се натпреварува во областа на електрониката и роботиката и надвор од Македонија, но при тоа не планира да се оттргне од овдешните случувања.

genialen-umНашиот херој е полн со ентузијазам и секогаш гледа оптимистично на работите, па токму затоа на прашањето за тоа кој е неговиот план за во иднина, тој ни даде многу јасен одговор: ,,Сакам да основам сопствена фирма за роботи, компјутери и програмирање. Секако во најлош случај, ако не успеам, себе си се гледам во канцелариите на Microsoft.” – се пошегува Кристијан. Во поглед на образованието, тој има желба да специјализира во областа на електрониката и информатиката, па како пример за стекнување на високо образование и постигнување на таа цел, го посочи ФИНКИ.

Слободното време на овој средношколец е исто така исполнето со програмирање. Летниот распуст планира да го посвети на неговата замисла ,,Паметен град” што според него ќе претставува еден уникатен и иновативен проект. Кристијан обожува и да чита. Негова втора љубов, покрај машините, се научно-фантастичните филмови и книги.

За замислите на Кристијан може да се зборува до бесконечност бидејќи тој навистина е личност со широки гледишта. Неговата генијалност без сомнение е присутна и тој успева во целост да ја искористи.

Автор: Емили Христопулу, 3-7, СУГС ,,Никола Карев” – Скопје