Гимназијалците од Велес го славеа Рацин
По 51. пат годинава во Велес се одржаа Детските Рацинови средби, а можноста свечено да ја отворат манифестацијата во велешкиот театар ја имаа гимназијалците од СОУ „Кочо Рацин“.
Први настапија средношколките Пале Зврцинова, Ева Димитриева и Елена Христова кои ги изведоа државната, општинската и училишната химна, а музичка точка на настанот имаше и училишниот хор кој ја изведе химната на гимназијата „Копачите“.
Манифестацијата ја одбележа и средношколката од втора година Емина Атемовска која се закити со гран-при наградата на Ликовниот конкурс, на тема: „Рацин- денес, вчера и утре“.
Настанот го затворија десетина ученици од велешката гимназија кои го имаа поетскиот перформанс „Рацин, вечно во нашите срца“, подготвен под менторство на професорката Магдалена Сарагинова. Во својот перформанс тие имаа и пијано придружба од страна на соученикот Љупче Зафиров.
Првото претставување на гимназијалците беше пред споменикот на Рацин, во училиштниот двор. Ученичките од втора година, го изведоа Поетскиот колаж „Рацине, во срце те носиме“, а потоа присутните делегации и гости, положија свежо цвеќе пред бистата на Рацин.
Во рамки на манифестацијата велешката гимназија беше домаќин и на Поетскиот караван, настан кој има улога да изгради мост меѓу повозрасните писатели и младите творци со цел да се поттикнат младите да создаваат поетски и ликовни творби инспирирани до Кочо Рацин. Годинава училиштето им посака добредојде на тројцата членови на на Друштвото на писатели „Коста Солев Рацин“ од Велес, Васил Тоциновски, Божидар Јовиќ и Игор Крајчев. Тие со свои творби им се претставија на средношколците, но и младите поети од училиштето им се претставија ним.