Активирај се | Создадено од вас |

Имаат фарма, кројат лозје и жнеат жито

feat-img

Не можат да се пофалат дека имаат големо училиште, но дека тоа е навистина богато можат. За тоа ќе наведат низа аргументи, ќе покажат и ќе докажат.

Велат, училиштето функционира како една фамилија во која сите членови се исти, без оглед на етничката припадност или социјалната положба во општеството. Часовите, пак, ги одржуваат во современо опремени кабинети, а за презентирање на наставниот материјал се задолжени триесетина професори.

Тие со гордост раскажуваат дека нивното училиште постои повеќе од педесет години. За прв пат училишното ѕвонче заѕвонило во учебната 1960/61 година. Меѓутоа тогаш било наменето само за учениците кои имале желба да запишат средно земјоделско, а различно било и името на училиштето, се викало „Каме Полизов“.

Така останало во наредните десетина година, а од 1972-та покрај земјоделската струка, биле воведени и гимназиските паралелки, па од средно земјоделско училиште тоа прераснува во Училиштен центар за средно образование. Запаметена ќе биде и 1991-та, бидејќи старата зграда добива ново руво, односно училиштето било реновирано, а е дограден и нов дел.

Денес средното општинско училиште во Валандово го носи името на личноста која, како што велат учениците-историчари, била срцето на револуционерна Македонија, Гоце Делчев.

Дел од учениците во него учат во гимназиските паралелки, но постои и земјоделско-ветеринарна струка, односно таму се калемат образовните профили за лозаро-винарски техничар и техничар за фармерско производство.

KADE BEVME Valandovo02 nhПостоењето на овие стручни насоки е и еден од главните „виновници“ што средношколците во валандовското училиште „Гоце Делчев“ можат да се пофалат и со сопствена живинарска фарма во која произведуваат јајца, мини винарница, како и ниви со разни насади.

Во нивниот имотен лист се запишани хектар и пол лозов насад, шест хектари житници и половина хектар пченка. Во рамките на практичната настава, заедно со нивните професори, учениците го кројат лозјето и ги жнеат житото и пченката. За да ги завршат обврските ја користат и земјоделската механизација со која располага училиштето.
Исто така, на површина од еден хектар имаат и јапонско јаболко и калинки.

На ова училиште не му недостигаат ниту активностите на меѓународен план. Вклучени се во низа проекти, меѓу нив и оние од програмите „Еразмус“, благодарение на кои учениците заминуваат на практичка обука во Бугарија, а соработуваат и со винарницата „Бахус-Тенерифе“. Тука се и проектите „Заедно можеме“, „МИО“ итн.

Автор: Елена Москова, ученичка во СОУ „Гоце Делчев“, Валандово