d

The Point Newsletter

Sed ut perspiciatis unde omnis iste natus error.

Follow Point

Begin typing your search above and press return to search. Press Esc to cancel.
karev-cestito2

Каревци, честито!

На 9 ноември 2014 …црвени и златно-жолти балони, црвени панделки и ученици во свечена облека, наредени во ред пред влезот на Македонската опера и балет. Тоа беше сликата ден пред роденденот на скопската гимназија „Никола Карев“, кога учениците, вработените и многу гости го прославија јубилејниот патронат – 70 години од постоењето на училиштето.

А како беше изминатите 70 години? И во далечната 1944-та почетокот беше настан. Тогаш е формирана првата Учителска школа во Македонија која подоцна прерасна во сегашната Гимназија. Оттогаш, колку ли само генерации на ученици, професори и вработени поминале низ нејзините порти. 70 години постоење, 70 години неуморно работење, 70 години растење и создавање на училиште со познато име.

Кога би можеле да зборуваат, ѕидовите на ова здание би раскажале многу приказни, би ги споделиле со времето спомените и сеќавањата за многу генерации добри и помалку добри, амбициозни и не толку амбициозни, вредни, мрзливи, снаодливи, ученици со визија, но и такви кои го избираат полесниот пат до својот сон… Токму овде тие раснеа, созреваа, учеа да го разликуваат доброто од лошото, да сакаат, почитуваат, да веруваат во себе, да бидат луѓе.

karev-cestito1Но, целата приказна не ќе беше реалност доколку не ги пречекаа наставници кои знаеја како да му помогнат на детето да стане човек подготвен да ја гради својата, иднината на своето семејство и својата земја, луѓе кои трпеливо и со љубов им покажаа на учениците дека училиштето е нивниот втор дом, куќа на знаење каде што секој ќе може да се пронајде себеси, да открие што сака и колку може и да ја осознае најголемата мудрост во животот –  дека не е среќен оној што го прави тоа што го сака, туку оној што го сака тоа што го прави.

Некогашната учителска школа денес е современо училиште кое е двигател на слободниот израз, креативниот ум и спортскиот предизвик, кадешто учениците се главната причина заради која се работи, труди и вложува, во кое еко-свеста на учениците е на високо ниво, кое го промовира мирот, ненасилството и мултиетничката интеграција. Во тој дух се едуцирани бројни успешни личности во земјата и надвор од неа. Групата „Мизар“ ги имаше своите први настапи токму во фискултурната сала на училиштето, Ивица Боцевски, Бујар Османи, Сашо Тасевски и многу други се славни Каревци.

Јубилејот се случува во исто време со славењето на 70-годишната слобода на Скопје. Овој свечен чин се поистоветува и со слободата која сакал да ја види Никола Карев. Затоа 70-те години постоење можат да се заокружат со мислата дека ништо подобро не успева од успехот, особено ако е постигнат со заеднички сили.

Автор: Снежана Станкова, професор во СУГС „Никола Карев“