feat-img

Средношколците велат дека често се „исклучуваат“ од часовите и мислат на нешто сосема друго, нешто ги мачи, но и дека професорите не им помагаат многу да се справат со тие прашањата. Наставниците, пак, според психолозите, често се само пасивни „предавачи“ и ја пропуштаат шансата да бидат активни поддржувачи во развојот на нивните ученици адолесценти.

Како се чувствувам? Што треба да направам? Што е подобро? Зошто не ме забележува? Кој сум јас?

Ова се прашањата кои често ги „вадат“ средношколците од училиште клупи додека професорите пред нив зборуваат за „Пиреј“ на Петре М. Андреевски, за походот на Александар Велики кон Индија или додека на табла им се редат формули, дефиниции и бројки по математика и физика.

Присутното отсуство од часовите додека учениците се растргнати од сопствените чувства и мноштвото морални, образовни, културни и сексуални дилеми е онаа „другата страна“ на среднношколскиот живот, неизоствен дел од периодот на адолесценција кога еден тинејџер е постојано во процес на себе спознавање.

Што значи адолесценцијата, што езначајно за овој процес, можат ли наставниците да им помогнат на учениците да го пребродат овој период, како образовниот систем може да произведе здрави личности, се дел од прашањата на кои се обидовме да пронајдеме одговор разговарајќи со средношколците и училишните психолози.

„Често“, „секој час“, „многу, многу често“, “ако не за време на цел час, сигурно на пола се исклучувам и мислам на нешто што ме мачи“, беа одговорите кои ги добивме од учениците кога ги прашавме колку им се случува да се „исклучат“ од часовите и да размислуваат за нешто сосема друго.

– Во последниве неколку недели сé почесто си го поставувам тоа прашањето „Кој сум јас“ и се чувствувам како да не се знам себе си или да се губам – вели еден од учениците со кои разговаравме, а сакаше да остане анонимен.

Средношколците се наоѓаат во период на адолесценција кој е многу знаечен за нивниот развој, објаснуваат психолозите, бидејќи тогаш ги развиваат своите ставови и вредости, размислуваат за она што сакаат да го постигнат во животот и како да ги реализираат своите потенцијали. Станува збор за постојан процес на себе спознавање и тежнеење да идат прифатени д страна на нивните врсници.

– Во овој период се зголемува самостојноста. Младата личност има потреба да се изрази себе си во околината, да се самопотврди  низ разновидни активности, да се поврзе, да разменува и да експериментира со врсниците и околината. Од исклучително значење во овој период е да има искуство со преземање на одговорност за своето однесување и своите избори. На овој начин се градат и моралните вредности, естетските критериуми и интелектуалните потенцијали. Преку ова се освестува сопствениот идентитет и припадност во групата и заедницата – вели училишниот прихолог во скопската гимназија „Орце Николов“, Ана Попризова.

Таа нагласува дека неизоставен дел од животот на адолесцентите е и емотивниот и сексуалниот аспект кои се манифестираат низ фомирање на првите партнерски релации и искуствата на прифатеност или неприфатеност во истите, првите сексуални искуства и сл.

Меѓутоа, друго прашања е колку од овој аспект современото уличиште и наставниот процес се по мерка на средношколците.

Учениците, оние со кои разговаравме, сметаат дека професорите и воопшто училиштето не можат да им помогнат да се справат со прашањата кои ги мачат, а не се однесуваат на наставните содржини.

Попризова, пак, потенцира ека современиот образовен систем генерално е насочен кон  поттикнување на интелектуалните капацитети, преку инсистирање на стекнување знаења и вештини за професионален развој. Но, според неа, наставните содржини во мала мерка ги обработуваат главните прашањата со кои се занимаваат адолесцентите и токму затоа отсуствува реалната системска поддршка во училиштето.

– Исто така, наставниците имаат сиромашни познавања од особеностите на психолошкиот развој на адолесцентот и воглавно остануваат да бидат пасивни „предавачи“ со што ја пропуштаат шансата да бидат активни поддржувачи на адолесцентот во неговиот раст и развој. Лично сметам дека токму оваа благородна привилегија е нешто највредно во воспитнообразовнито процес. Сепак, има дел на осетливи наставници кои се систем на поддршка за адолесцентот. Она на што може да се работи во иднина е едукација и поддршка на наставниците во развивање на нивната свесност за улогата на наставникот како модел на младите во процесот на личен раст и развој – вели психологот.

Кога се во прашање наставните содржини, пак, Попризова, нагласува дека, за жал, истите многу малку разработуваат прашања значајни за адолесцентите поврзани со нивниот личен развој и внатрешен свет. Предметот „Психологија“, вели таа, е единствен предмет кој  во своите содржини разработува значајни теми за адоелсцентите (Личност, ососбини на личноста, емоции, темперамет, карактер, развој на личноста, психички процеси, мотивација и сл.)

– Меѓутоа, овој предмет го слушаат многу мал број ученици во гимназиско образование, бидејќи е изборен предмет. Учениците кои во иднина ќе бидат лекари, правници, информатичари, за жал, не го слушаат. Што се однесува до стручното образоавние мислам дека состојбата е уште полоша – констатира нашата соговорничка.

Во една ваква ситуација, нејзиниот апел до одговорните лица е одново да ја разгледаат можноста предметот „Психологија“ да се воведе како редовен во сите подрачја во гимназиското образование, како што и беше во минатото.

– Моја препорака до учениците е да ги отвораат јавно прашањата што ги мачат, бидејќи тие се универзални за сите млади и да си изгардат своја мрежа на поддршка од врсници, наставници, родители на кои можат да им се обратат за разговор – вели Попризова.

Средношколците, пак, велат дека најмалку како би можеле професорите да им помогнат е да ги научат полесно да се прифатат меѓу себе.

– Би можеле да помогнат во врска со класот, околу тоа како да се сплотиме, да станеме посложни, во врска со учењето како да постигнеме сé, зошто имаме проблеми со некои предмети – предлага еден од учениците со кои разговаравме.

Тие, исто така, бараат професорите да го скратат времето за „непотребните“ работи и на часовите да отвораат повеќе социјални теми за дискусија.

Автор: Калина Трајкоска